Свет

Професорот по право Џузепе Конте кандидат за премиер на Италија

Професорот по право Џузепе Конте кандидат за премиер на Италија

Педесет и четиригодишниот професор по право и политички почетник, Џузепе Конте, е кандидат за премиер на коалицијата којашто ја сочинуваат антиестаблишмент и евроскептичното Движење пет ѕвезди (М5Ѕ) и партијата од крајната десница Лига, најави во понеделникот челникот на движењето, Луиџи Ди Мајо.

Со тоа овие две партии, М5Ѕ којашто е поединечно најсилната во парламентот и Лига којашто ја водеше групацијата фракции од десницата на мартовските парламентарни избори ставија крај на 11-неделниот постизборен застој. Всушност договорот беше постигнат во петокот, но до понеделникот доцна попладнето се криеше името на кандидатот на коалициската влада.

Според најавите, новата италијанска влада може да ја даде свечената изјава уште оваа седмица.

Конте, роден во италијанската покраина Фоџа, на југот од земјата, досега никогаш не бил избран за парламентот, а доаѓа од круговите блиски на Движењето пет ѕвезди.

Овој универзитетски професор, експерт за граѓанско и уставно право кој моментално работи во Фиренца, е непознат за пошироката јавност, а на изборите од 4-ти мар М5Ѕ го претставуваше како можен министер кој ќе ја спроведе задачата за „дебирократизација“ на јавната управа.

„Му го предложивме името на Џузепе Конте на претседателот на Републиката. Особено сум горд на овој избор“, напиша Ди Мајо на својот блог.