Прогласувањето на Мајка Тереза за светица ќе биде одбележано и во Скопје

Татковинската прослава  „Денови на блажена Мајка Тереза“ и нејзиното прогласување за светица на 4 септември оваа година, Скопската бискупија ќе ја одбележи со повеќе активности од 5 до 11 септември, а ќе заврши со Ефхаристичко славење кое ќе се случи на местото на нејзината родна куќа при што ќе биде прогласено светилиштето на света Мајка Тереза.

За ова денеска на прес-конференција информираа бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов и директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска по конституивната седница на почесниот одбор за одбележување на Татковинската прослава  „Денови на блажена Мајка Тереза“.

Бискупот Стојанов информираше дека на 4 септември на денот на прогласувањето за светица на плоштадот Св.Петар во Рим, во Скопје во 12 часот во капелата во Спомен куќата на Мајка Тереза ќе се одржи света литургија.

Во понеделник на 5 септември кој е првиот ден од деновите на блажена Мајка Тереза, е ден кога молитвено ќе ја изразиме благодарноста до Господ за тој дар што Мајка Тереза е прогласена за светица. Вторник е ден на здравствените службеници затоа што Мајка Тереза практично се трудеше и се грижеше за болните да им помогне на тие кои се со телесна и здравствена потреба. Среда 7 септември е ден на Каритас, Црвениот крст…во чест на хуманитарката Мајка Тереза која им помагаше на сиромашните, истакна Стојанов.

Во четврток 8 септември на денот на независноста на Македонија и ден на Бога посветените лица ќе се оддржи духовна обнова и предавање, а во петок ден на свештенството – таинствено служење ќе се оддржи света литургија и академија со предавање „Теологија на маленкоста и служење“.

Свечената и централна прослава ќе се оддржи на 11 септемви во Скопје која ќе ја предводи папин делегат со титула кардинал и очекуваме присуство на многу гости од земјата и од странство, рече Стојанов.

Директорката Божиновска, нагласи дека координативното тело ќе чествува во духовна скромност на Мајка Тереза, а сепак, како што рече, тоа ќе биде и таинствено онака како што таа знаеше да каже „На светот не му е потребно корка леб и дека тој не чезнее за корка леб туку чезнее за многу повеќе љубов“.

Во координативното тело и во чествувањето на Татковинската прослава, место заземаат повеќе институции и министрства меѓу кои и мининстерствата за култура, за образование, за здравство…, МАНУ, со кои во првите денови ќе направиме свечена академија на која ќе се говори за животот и делото на Мајка Тереза. Тука се двете најзначајни катедри на Филозофскиот факултет, а тоа се Катедрата за социјологија и Институтот за социологија и религија и др., информира Божиновска.

Според неа, програмата ќе биде мобилна и се надева дека секојдневно се повеќе институции ќе учествуваат во програмата за одбележување на Татковинската прослава.

Организатор на прославата е Скопската бискупија и Апостолски егзархт во Македонија, а покровител е претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.