Прогноза на ЕУ: Македонија со најголем економски раст во цела Европа

Република Македонија ќе има најголем економски раст во Европа оваа и следната година, предвидува денеска објавената пролетна економска прогноза на Европската комисија.

Како што јавува МИА, Пјер Московиси, комесар за економски и финансиски прашања, денеска ја објави новата економска прогноза на Европската унија, според која Македонија се очекува да има раст на Бруто-домашниот производ (БДП) од 3,8 проценти во 2015 година, односно 3,9 отсто идната година, со што е на првото место во целиот континент.

Колку за споредба, Европската унија ќе има 1,8 проценти раст на БДП годинава, а 2,1 отсто догодина, при што во рамки на Унијата, најголем економски раст се очекува да имаат Ирска и Малта (по 3,6% на БДП), па Луксембург (3,4%) и Полска (3,3%) во 2015 година, а во 2016 година, Ирска и Луксембург се очекува да остварат економски раст од по 3,5 проценти. Она што е најважно за ЕУ е дека сите земји-членки, освен Кипар (- 0,5%) се очекува годинава да излезат од рецесија, со тоа што најмал економски раст се очекува да имаат Финска и Хрватска (по 0,3%), Грција (0,5%) и Италија (0,6%).

– Стигна економската пролет, објави задоволно еврокомесарот Московиси на денешната прес-конференција во Брисел.

Буџетскиот дефицит, Еврокомисијата очекува во Македонија да падне од -4,2 отсто минатата година на -3,8 проценти годинава, а идната година да достигне -3,6 проценти. Тоа е во рамки на европскиот просек, кој во ЕУ изнесува -2,5 отсто. Затоа, пак, јавниот долг на Македонија се очекува да продолжи да расте и од 27,8 проценти во 2014 година, оваа година да достигне 29,1 отсто, а догодина – 40,5 проценти.

Сепак, тоа е далеку од европскиот минимум поставен на 60 проценти од БДП, а во конкуренција на змејите-членки на ЕУ, Македонија би била четврта најмалку задолжена земја. Како за споредба, јавниот долг на Грција изнесува 180,2 проценти, на Италија е 133 отсто, а на целата ЕУ изнесува 88,0 проценти.

Во однос на невработеноста, Европската унија најавува дека се очекува да продолжи да се намалува во Македонија и од 28,1 отсто минатата година, годинава да достигне 27,4 проценти, а во 2016 година да се намали за уште еден процент и да изнесува 26,4 отсто. Во рамки на ЕУ, највисока стапка на невработеност има во Грција (годинава се очекува 25,6 проценти) и Шпанија (22,4%), а најмала во Германија (4,6%) и Велика Британија (5,4%).

Со наслов „Зацврстувањето на домашната побарувачка поттикнува понатамошно забрзување на растот“, Европската комисија во пролетната економска прогноза за Македонија вели дека растот на производството се зголемил во 2014 година, а предводен од извозот на странските инвеститори и инвестициите во јавната инфраструктура.

Брисел нотира дека солидната добивка во потрошувачката на домаќинствата дополнително ја зголемува домашната побарувачка. Со оглед на високите инвестиции и побарувачката од увозната трговија, странската рамнотежа натежнала на економската активност.

– Натамошните добивки во домашната побарувачка можно е да го постават растот на Бруто-домашниот производ БДП на уште посилно темпо во 2015 и 2016 година, додека негативниот придонес од нето-извозот се очекува да се намали. Владата продолжува да поддржува, со планови за понатамошни инфраструктурни проекти, како и зголемување на овластувањата за трошење, релаксирајќи ја својата среднорочна стратегија за фискална консолидација, наведува Еврокомисијата.

Потенцирајќи дека извозот и зголемувањето на инвестициите го движеле растот во 2014 година, Комисијата за Македонија наведува дека големите јавни инфраструктурни проекти и растот на извозот, главно се должеле на странските компании основани во земјата. Тоа, според пролетната економска прогноза на неформалната Влада на ЕУ придонело за значајно забрзување на растот на реалниот БДП во 2014 година. Со оглед на високата увозна содржина на инвестициите и извозот, Комисијата вели дека ја направило надворешната рамнотежа да има негативен придонес кон растот, откако беше негова главна поддршка во 2013 година.

Според ЕК, силното зголемување на вкупниот бруто-капитал во првите три квартали на 2014 година биле проследени со мало забавување кон крајот на годината, но сепак, во просек, инвестициската активност значително се обновила по малото забавување во претходната година.

Почнувајќи од вториот квартал, според Брисел, потрошувачката на домаќинствата, поддржана од зголемувањето на реалната нето-плата, стабилните приливи од приватните трансфери и подобрувањето на пристапот до кредити, се претворило во солиден втор столб на растот на домашната побарувачка. Трговскиот биланс на стоки, пак е подобрен во 2014 година во однос на БДП-то, во споредба со претходната година.

– Ова, во комбинација со зголемениот суфицит во билансот на услуги и стабилниот прилив од приватните трансфери, придонесе за стеснување на дефицитот во тековната сметка од 0,5 проценти на 1,3 отсто од БДП. Создавањето работни места во секторот на производството, засилено од активните мерки на пазарот на трудот, беа главниот двигател за понатаму и покрај забавениот раст на вработеноста, но и за понатамошно намалување на стапката на невработеност. Учеството на пазарот на труд остана ниско, со 57 отсто во целина и тоа особено за жените. Немаше подобрување на состојбата на младите работници и речиси половина од работната сила на возраст меѓу 15 и 24 години се регистрирани како невработени, се наведува во европската економска прогноза за Македонија.

Еврокомисијата утврдува и дека притисоците од трошењето му тежат на буџетот, па вели дека фискалните перформанси и понатаму разочарувале во втората половина на 2014 година, додека даночните приходи закрепнале, сепак се зголемиле расходите на потрошувачката и имало неочекувани дополнителни трошоци за транспортниот Коридор 10 во однос на изградба на патишта, што довело до притисоци дури и по ребалансот на буџетот што беше донесен во септември минатата година.

Во прилог на зголемување на правото за трошење, кој стапи на сила на почетокот на годината, Владата на Република Македонија, според Брисел ја поддржувала приватната побарувачка со уште едно зголемување на платите во јавниот сектор во есента 2014 година. На крајот на годината, општиот владин дефицит изнесуваше 4,2 отсто од БДП, што според ЕК ја надминало ревидираната горна граница за 0,5 проценти. Зголемувањето на државниот долг се задржало во 2014 година, но задолжувањето на претпријатијата во државна сопственост, според Брисел го повлекло јавниот долг, како и потенцијалните обврски на Владата која обезбедува гаранции за нивните кредити.

Комисијата очекува и намалување на повлекувањето од надворешната рамнотежа. Па, така, наведува дека домашната побарувачка се очекува да остане единствен двигател на растот во иднина. Инвестициската активност, управувана од страна на јавните расходи за транспортни и енергетски проекти, како и изградба на нови објекти од странските инвестиции, проектирано е да придонесат за понатамошна солидна добивка, иако стапките на раст се забавуваат во нивниот долгогодишен просек. Потрошувачката на домаќинствата, како резултат на силните основи, според Еврокомисијата се очекува и да се зголемува и понатаму и да стане главен извор на раст на производството во 2015 година и 2016 година.

– Извозот е проектиран да остане цврст, што главно се должи на странските извозници кои изградија нови производствени линии во оператива. Ако извозот поврзан со инвестициите малку застане, трговскиот биланс на стоката веројатно ќе се подобри малку оваа и следната година, ублажувајќи го негативниот придонес во растот на БДП од надворешната рамнотежа. Сепак, дефицитот на тековната сметка е поставен за некако да се прошири и во голема мера ја има предвид очекуваната нормализација на приливите од приватните трансфери на поумерено, просечно ниво, прогнозира ЕК за Македонија.

На крајот во образложението за пролетната економска прогноза за Македонија, неформалната Влада на Европската унија посочува дека јавните расходи продолжуваат да ја поддржуваат домашната побарувачка. Затоа, ЕК смета дека македонската Влада се очекува да продолжи да обезбедува позитивен фискален поттик на домашната побарувачка за оваа и следната година, а преку понатамошно зголемување на социјалните трансфери, пензиите и платите во јавниот сектор. Во исто време, според Брисел, значителни буџетски средства и финансирање од страна на претпријатијата во државна сопственост, се наменети за понатамошно инвестирање во јавната инфраструктура.

Фискалниот разултат за оваа година, пак, Комисијата смета дека може да ја надмине владината цел за дефицит од 3,3 отсто за околу 0,5 pроценти. А, неодамна предвидените зголемувања на правото на трошоци веќе оставиле белег на успешноста на буџетот, па според Еврокомисијата, во првите два месеци од 2015 година акумулираниот буџетски дефицит изнесува околу 25 проценти од целта за буџетот за целата година или 0,8 отсто од планираниот БДП.

– Голем број на мерки за зголемување на приходите се планирани за 2015 година, но тие не можат да го компензираат планираниот пораст на актуелните трошоци, вклучувајќи ја и неодамнешната одлука на Владата за зголемување на социјалните трансфери од јули оваа година за пет проценти повеќе што е предвидено во буџетот. Оттука, потреба за ребаланс на буџетот, што би предвидело намалување на буџетскиот раст за зголемување на капиталните расходи не се очекува, заклучува Европската комисија во пролетната економска прогноза за Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.