Програмата на СДСМ два пати најавена, но се’ уште ја нема

Иако денес се распишаа претседателските избори, се поочигледно е дека заедно со нив ќе се одржат и предвремени парламентарни избори. Политичките партии се повеќе се подготвуваат за овие избори и се посветуваат на своите програми со кои би излегле пред граѓаните.

Со новоизбраното раководство на СДСМ многумина очекуваа дека на некој начин партијата ќе успее да излезе од сенката на Бранко Црвенковски и ќе успее со своја и препознатлива програма да се соочи на парламентарни избори, пишува порталот Курир.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев веднаш после доаѓањето на лидерското место во СДСМ изјави дека партијата работи на програма која ќе им ја понуди на граѓаните како решенија за проблемите. Иако досега повеќе пати требаше таа програма да биде објавена, се’ уште ја нема никаде.

Најпрво Зоран Заев во прес конференција на 8 октомври 2013 година изјави дека програмата на СДСМ ќе биде објавена во средината на декември минатата година.

„Почитувани, од денеска започнува презентацијата на мерките содржани во новата Програма на СДСМ. Преку отворени и јавни форуми и дебати низ цела Македонија, во пишана или електронска форма очекуваме предлози, сугестии, критики од нашите сограѓани, од претставниците на различни професии, стручни лица и експерти во поедини области, од здруженија на граѓани и поединци. Низ  ваква процедура, некаде кон средината на Декември ќе го оформиме и заокружиме конечниот текст и содржина на документот чија практична реализација  ќе значи подобрување на условите за живеење на секој граѓанин, на секое семејство во Македонија“, изјави Заев пред два месеци.

Но, потенцира Курир, во  месец декември 2013 година немаше никаква програма на СДСМ.

Неколку месеци подоцна на 22 декември 2013 година, кога според првичната изјава програмата требаше веќе да биде излезена, Заев во интервју во Дневникот на МРТВ го промени рокот и изјави дека програмата треба да излезе на 20 јануари 2014 година.

„Ние не бегаме од овие работи. Концептот е во фаза на понуда кај граѓаните. Ние го дебатираме. Ќе биде заокружен и на 20 јануари некаде ќе биде конечно претставен како заокружен концепт“, изјави Заев.

И овој рок помина, а програмата на СДСМ сеуште ја нема видено никој. Дали неколкуте мерки кои беа презентирани од страна на СДСМ сепак беа набрзина составени колку да се остави впечаток дека СДСМ има напишано програма останува да видиме. Истите тие мерки од страна на експертската јавност беа оценети како нереални и неостварливи, но имаше и некои мерки кои СДСМ ги ветуваше во изминатите изборни циклуси, а не беа остварени.

Иако се очекуваше спротивното СДСМ сеуште се однесува неодговорно и со овие ситуации се потешко е дека ќе успее да ја добие довербата на граѓаните на Република Македонија.