Програмери, градежници, продавачи – меѓу најбараните професии во Македонија

Програмери, градежници, инженери, агенти за продажба, работници во производствената и преработувачката индустрија, во моментов најдобро котираат на пазарот на труд во земјава. Сѐ побарани се и стручните работници, правниците, магационерите, келнерите, шивачите на текстил, а професијата продавач веќе подолго време е меѓу врвот на листата најбарани професии, пишува Лидер.

Околу 5.000 работни места константно се отворени на пазарот на труд во Македонија. Компаниите кои вработуваат бараат кадри од секаков вид, стручни работници, но и високо образовани професионалци.

Познавачите на пазарот на трудот велат дека со доаѓањето на странските инвеститори се менува структурата и побарувачката на профили на работници на пазарот, па се побарани ќе бидат стручните работници.

Според последните податоци на Заводот за статистика, на пазарот на труд најбарани се работниците во услужните дејности и продажбата. После нив, следуваат стручните работници, ракувачи и составувачи на машини и постројки, потоа производствените работници, како и техничарите и оние со сродни занимања. Според индустриските гранки, пак, најмногу слободни работни места има во преработувачката индустрија.

Инженерите на цена!

ИТ професионалците, инженерите и кадрите од техничко- технолошките струки веќе подолг период се на цена на пазарот на труд, а истражувањата на Агенцијата за вработување покажуваат дека и понатаму овие професии ќе бидат најбарани.

Поконкретно, во иднина се почесто ќе се бараат професиите програмер, информатичар, градежен инженер, архитект, архитект- проектант, машински инженер, инженер технолог, фармацевтски технолог, електроинженер…

Од профилите со средно образование, пак, најбарани се комерцијалистите, градежните техничари, операторите на медицинска опрема, текстилните техничари, шивачите, шивачите на текстил, кројачите, продавачите, браварите, столарите, заварувачите, армирачите, лимарите, градежните работници. Сѐ посчесто се бараат работници за производствена линија, работници за едноставни работи во производство на текстил, дистрибутери и слично.

Ваквата состојба на сѐ поголема побарувачка на стручниот и технички кадар  е последица на се поголемиот број на странски инвеститори во Македонија, потврдуваат аналитичарите на пазарот на труд.

Продавачите најбарани

Во моментов на пазарот на труд, според податоците на АВРМ, најбарано занимање е продавач, со вкупно 531 евидентирано слободно работно место. Следува професијата келнер, со 254 слободни места, па работниците за едноставни работи- 237 слободни места. Барани се и магационерите, со 227 слободни места, лозарските работници и работниците за преработка на тутутн. Сѐ побарани се и обезбедувачите, како и возачите на такси и референтите за правни работи.

Според анализите и понатаму најбарани ќе бидат профилите со средно образование како комерцијалист, градежен техничар, оператор на медицинска опрема, текстилен техничар, шивач, шивач на текстил, кројач, продавач, бравар, столар, заварувач, армирач, лимар, градежни работници… Ќе се бараат работници за производствена линија, работници за едноставни работи во производство на текстил, дистрибутери и слично.