Програмерски маратон на Универзитетот „Свети Апостол Павле“ во Охрид

Млади програмери поделени во 25 екипи следните 32 часа ќе разработуваат идеи и креативни замисли до демо верзија на продукт, во рамки на годинешниот програмерскиот маратон „Codefest“, што по трет пат се одржува на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ во Охрид, пренесува МИА.

Студенти по информатика и сродни науки од целата земја викендов под менторство на светски познати експерти во областа ќе разработуваат игри, веб-базирани софтвери, апликации за мобилни телефони, виртуелни програми…проекти што поседуваат потендијал за практична апликабилност во секојдневниот живот.

Како што појасни Јасна Тренгоска која е дел од огранизацискиот тим на „Codefest“,  манифестацијата е осмислена како начин за анимирање и инспирирање на студентите по информатика и младите луѓе да ги претстават своите креативни идеи, но и да имаат можност за нивна реализација.

Дел од маратонот оваа година се и Ербил Караман, продукт-менаџер во „Facebook“ и Асиф Раџа, основач и генерален менаџер на компанијата „Mindmakеr“, кој дел од своето работно искуство го стекнал во компанијата „Apple“.

Програмерскиот маратон ќе биде можност гостите да им ги пренесат своите искуства на студентите за начините како најдобро да ги претстават своите потенцијали, но и да ги подучат како најдобро да ги презентираат личните креативни идеи и да обезбедат свое место во светот на информатиката и програмерството.

– Верувам дека тука се креира иднината, кога станува збор за односната област. Тука младите луѓе се подготуваат активно да се вклучат во изградбата на општеството од иднината. Тука сум на младите умови да им го пренесам своето искуство и да им укажам на тоа како да ги избегнуваат грешките што јас сум ги правел во мојот професионаел ангажман, изјави Раџа, кој самиот зад себе има 25-годишно искуство во областа на информатиката.

Тој верува дека зад секој млад човек стои идеја, која од нив ќе создаде нешто што ќе биде од корист како за општеството, за заедницата така и за личен успех и изградба на сопствена кариера.

-Токму на ваквите манифестации се прават првите чекори до некои конкретни производи што ја менуваат иднината. Затоа и сум тука, да им помогнам на македонските студенти, да ги мотивирам цврсто да застанат зад реализацијата на секоја креативна идеја, нагласи тој.

Неговиот колега Ербил Караман, продукт-менаџерот во „Facebook“ лично и во име на компанијата што ја застапува гледа голем потенцијал во учесниците на маратонот.

– Верувам дека секоја идеја не завршува со потенцијалот што го поседува, туку со тоа колку таа може да се реализира. Токму затоа сум тука, затоа што ние како компанија функционираме на начин да се трудиме да ги реализираме своите идеи, да ги пронајдеме луѓето со идеи и да им помогнеме нивните замисли да се реализираат во реалноста, истакна Караман

Вилијам Асиама од организацискиот тим на „Codefest“ истакна дека за најдобрите идеи и проекти се предвидени вредни награди, со тоа што оваа година за разлика од претходните маратони наместо материјални награди како персонални компјутери, таблети, оваа година организаторите за најдобрите екипи обезбедиле учество на светски познати натпреварувања од ваков тип, преку кои ќе им биде дадена шанса своите идеи да ги претстават пред поголем потенцијален пазар.

– Сметаме дека преку ваквите награди дополнително ќе ги инспирираме студентите максимално да се вложат себеси и на тој начин да обезбедат присуство на слични, но далеку помасовни манифестации, на кои ќе можат своите креативни идеи да ги претстават пред потенцијални инвеститори од целиот свет, рече Асиама.

Станува збор за четири манифестации од сличен тип,  и тоа два натпревари во земјата, како и за учество на поголеми меѓународни натпревари што ќе се одржат во Црна Гора и во Турција.