Македонија

Прокопиев на фестивалот на Светската книжевност

Прокопиев на фестивалот на Светската книжевност

Македонскиот писател Александар Прокопиев е меѓу поканетите автори на меѓународниот фестивал на светската книжевност што ќе се одржи во Загреб од 4-12 септември во организација на реномираната хрватска издавачка куќа „Фрактура“ и водечкиот човек на куќата Сеад Сердаревиќ.

Меѓу писателите, „европските и хрватски мајстори на пишаниот збор“ – како што се најавуваат по хрватските медиуми, се Ксавиер Церкас, Патрик де Вит, Лоренс Норфлок, Кјел Весто, Марија Дуењас, Франческа Меландри, Бора Ќосиќ, Славенка Дракулиќ, Миљенко Јерговиќ, Семездин Мехмединовиќ.

Прокопиев ќе биде претставен пред загрепската читателска публика на трибината „Писателот и неговиот читател“, заедно со д-р Борислав Павловски, преведувачот на хрватски на неговата збирка раскази „Човечулец“ (во издание на „Фрактура“) и модераторот Катарина Брајдиќ, како и на трибината „Политиката и книжевноста“ на која ќе учевствува заедно со Франческа Меландри, Ивица Џикиќ и модераторот Борис Постников.

Една од оригиналностите на овој фестивал е што за време на неговото траење, неколку хрватски ликовни уметници ќе ги портретираат писателите и ќе создаваат цртежи и слики инспирирани од нивните книги.

Покровител на фестивалот е претседателот на Хрватска, Иво Јосиповиќ.