Економија

Промени во автомобилскиот пазар во Македонија

Промени во автомобилскиот пазар во Македонија

Порше Македонија отсега е нов екслузивен дистрибутер на познатиот шпански бренд „сеат“, кој до сега го продаваше КА-ДИС. Со ова нивното пазарно учество на пазарот за продажба на автомобили значително ќе се зголеми.

„И покрај неповолната економска клима, тимот успеа да ги одржи дури и да ги подобри своите перформанси, зголемувајќи го уделот на пазарот за неколку поени. Тоа беше израз на брзата реакција на движењата на пазарот и секогаш адекватен одговор на потреботе на клиентот. Таквата врвна експертиза на тимот во Македонија е гаранција дека шпанскиот бренд ќе има блескава иднина под капата на новото семејство,“ изјави Винер Ројтер претставника на „Порше Холдинг“

Порше Македонија на своето портфолио на брендови ги има „Фолксваген“, „Ауди“, „Шкода“ и „Порше“.

Податоците покажуваат дека продажбата на нови возила во последните неколку години значително опаѓа, наспроти продажбата на половно увезени возила.

Според податоците на Царинската управа на Македонија, од 2009 година до февруари годинава има континуирано намалување на продажбата и увозот на нови и половни автомобили.

Податоците покажуваат дека во јануари и во февруари 2009 година биле увезени 1.582 нови автомобили, а годинава во истите два месеца само 393, што е намалување од 75 отсто.

Во текот на минатата година биле увезени вкупно 35.157 возила, што е половина од увозот во 2010 година, кога во земјава имало рекорден увоз од вкупно 62.519 автомобили.

Ако се споредат бројките за 2010 и за 2013 година, бројот на увезени нови возила е намален за 4.000, а на половни за 22.000 возила.