Советот за безбедност на ОН усвои резолуција за Сирија

Советот за безбедност на ОН синоќа едногласно усвои резолуција за поддршка на планот за мировен процес во Сирија.

Постојаната претставничка на САД во ОН, Саманта Пауер телефонски им ја пренела содржината на предлог-резолуцијата на непостојаните членки на СБ.

Документот ги содржи претходно усогласените рокови за формирање преодна влада и организирање избори под надзор на ОН. Западни медиуми пренесуваат дека со резолуцијата за Сирија е предвидено во текот на овој месец да бидат создадени механизми за надгледување на почитувањето на примирјето во оваа земја.

Според усогласениот текст, кризата во Сирија може да се реши преку политички процес, кој е согласно волјата на сирискиот народ.

Предвидено е генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун да подготви извештај за можностите за создавање механизми за контрола на примирјето, како и за собирање на голем број опозициски групи поради преговори со Дамаск.

Договорот содржи и повик до инволвираните страни во конфликтот итно да овозможат доставување на хуманитарна помош во Сирија.