Промоција на документарен филм за техничките и информатичките ресурси на Битола

Документарниот филм „Битола низ моите очи” на авторката Анета Шијакова во четвтокот вечерта со почеток во 19 часот, премиерно ќе биде прикажан во Центарот за култура во Битола, како дел од битолското културно лето „Битфест”.

Филмот става акцент на кадровските технички и информатички ресурси на Битола, како шанса за кариерен развој на младиот човек. Низ експертизата на факултетите од областа на техничките и информатичките науки на битолскиот универзитет „Св.Климент Охридски”, Универзитетската библиотека во Битола, Македонското научно друштво Битола, стопански субјекти, локалната самоуправа, како и невладиниот сектор, филмскиот наратив ја пренесува пораката дека до работно место најлесно се доаѓа со информатички и технички науки.

 

„Истражувањето направено за потребите на документарниот филм покажа дека техничките и информатичките науки се најголема шанса за младиот човек во Битола да дојде до работно место. Предноста на Битола е во постоењето на Техничкиот факултет, кој зад себе има традиција долга над половина век, како и во новоформираниот Факултет за информатички и комуникациски технологии. Оттука Битола располага со квалификуван кадар во двете области, а искуствата покажуваат дека токму овие кадри имаат предност на пазарот на трудот”, вели авторката на филмот Анета Шијакова.

Во пораст е побарувачката на информатичи кадри.

„Информатичката технологија во Битола доживува процвет, како што ретко која друга индустрија се развива во градот. Во споредба со другите градови во регионот од тој ранг на големина, во Битола има поголем број информатички фирми. Многу информатичари од Прилеп, Кичево и Охрид работат во Битола, бидејќи тука има голем број фирми кои работат аутсорсинг за странски компании и кои постојано имаат потреба од квалитетен информатички кадар“, вели во филмот проф.д-р Игор Неделковски, редовен професор на Факултетот за информатички и комуникациски технологии-Битола.

Филмот „Битола низ моите очи” ја пренесува и инспиративната приказна на иноваторот и креаторот Никола Танчевски од Битола, кој беше дел од X3M-Games, тимот кој ја освои наградата за најдобра гејминг апликација на Mobile App Camp 2012. Ваквиот квалитет го препозна и Блекбери, а X3M брендовите сe развија во напредни сервисни студија за анимација, визуелни ефекти, видео игри и апликации. Битолчанецот Танчевски работи и на софтверски решенија кои треба да го олеснат секојдневнието на лицата со сетилна попреченост.

Филмот прави осврт и на најголемата гринфилд инвестиција во Македонија, германската компанија „Кромберг и Шуберт”, која во 2013 година, заради постоењето високообразуван технички кадар, во Битола ја лоцираше својата фабрика, каде сега работат над 4.000 лица.

Влезот на филмската проекција е отворен и бесплатен за сите посетители.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.