Промоција на книгата „Наркокриминал и наркомафија“

Промоција на монографијата „Наркокриминал и Наркомафија“ од Љупчо Тодоровски. За значењето на книгата ќе говорат Слнчомил Вељанов и Алексеј Дума.

Според Вељанов, најзначајниот придонес на оваа монографија се екстензивноста и пионерството на самиот потфат: таа е прв научно-стручен труд кој опсежно и во детали ги обработува безбедносните стратегии за следење на современите форми на наркокриминалот во Р. Македонија, како и насоките за поставување на стандардизиран систем на контрола на дрогата.

Во недостиг на монографии од сличен вид на полиците на нашата стручна литература, важноста на оваа книга станува непроценлива, бидејќи нема друга монографија што би им ги предочила на практичарите посуптилните аспекти на криминалистичката проблематика, чие познавање е неопходен предуслов за успешно совладување на оваа комплексна област.

Долгогодишното искуство на Љупчо Тодоровски, како и неговата подготвеност да се впушти во едно толку обемно и важно истражување, зборуваат за сериозноста на приодот во подготовка на овој стручен материјал; едновремено, беспоштедните пофалби од стручните промотори, веќе го навестуваат нејзиниот несомнен квалитет.

Љупчо Тодоровски својата кариера ја започна во МВР во Управата за недозволена трговија со дрога. Во текот на својата кариера работи како началник на Управата за дрога, началник на Управата за организиран криминал, помошник министер во Секторот за анализа и истражување, началник на криминалистичката полиција и Директор на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија. Во моментов е професор на Факултетот за безбедност – Скопје при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ по предметот криминалистичка методика.