Промоција на книгата „Вистинска вода“ од Владимир Мартиновски

Во галеријата на МКЦ, в понеделник со почеток во 20 часот, ќе се одржи промоција на поетската книга „Вистинска вода“ на Владимир Мартиновски во издание на „Кликер книги“.

Новата поетска збирка на Владимир Мартиновски е трет дел од неговата тетралогија „Квартети“, во која низ четирите поетски циклуси повторно имаме можност да се нурнеме во едно поетско изобилство на музика, слики… и „вистинска вода“. „Мартиновски и во овој свој најнов поетски ракопис е веднаш препознатлив по бравурозните поетски остварувања вдахновени од копнежот по непознатото, од игривоста сфатена како животна филозофија на светот надвор и внатре во нас, од љубовта што прегрнува и бара да биде прегрната поради обновата на нејзината моќ, од екстазата на малите возбуди што знаат да ни донесат големи радости ако правилно и великодушно проникнеме во нив, од созвучната хармонична музика што ги обединува хоризонтите наоколу и ни ја облагородува душата“, ќе рече Звонко Танески во својот осврт кон оваа поетска збирка.

Промоцијата на книгата е замислена како музичко-поетска интерпретација: музиката е на басистот Оливер Јосифовски, а стиховите ќе ги читаат авторот и поетот Ѓоко Здравески.

Владимир Мартиновски е роден во 1974 година во Скопје. Тој е поет, есеист, раскажувач, книжевен теоретичар и преведувач. Работи како вонреден професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. За поетската книга „Квартети“ добитник е престижната награда „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата. „Вистинска вода“ е негова седма збирка поезија.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.