Промоција на компаниите регистрари на националниот домен .mk

Ултра Нет, Тим Корпорејшн, Виртувио, МК Хост, Некст – М, Марцом Регистри, Веј Глобал ИТЦ и Процес Ин, се осумте компании, кои потпишаа договор со Македонската академска истражувачка мрежа (МАРнет) да бидат регистрари на националниот домен .mk.

Како што истакна на денешната прес-конференција министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, со овој процес се обезбедува либерализација на пазарот и им се дава можност на физичките и правните лица за полесна регистрација на интернет просторот во Република Македонија.

„Во моментов осум компании потпишаа договор со МАРнет за регистрари на националниот домен .mk, во четири града во Македонија, а тоа се Скопје, Куманово, Кавадарци и Велес. Бројот на компании регистрари не е ограничен, при што постои можност во наредниот период исто така да аплицираат во МАРНет и доколку ги исполнуваат техничките услови да станат регистрари,“ рече министерот Ивановски.

Директорот на Македонската академска истражувачка мрежа (МАРНЕТ), Сашо Димитријоски, апелираше до сите регистранти кои имаат потреба од национални домени, сите услуги да ги бараат од овие компании кои се лиценцирани како регистрари.

„Овој процес на либерализација бараше модернизација на системот на работење, при што добивме комплетно нов функционален систем на кој се работеше речиси година и половина. Во тој период ги надминавме сите технички недостастоци. Компаниите регистрари ќе можат во името на МАРнет електронски да ги продаваат домените во Република Македонија,“ рече Димитријоски.

Според податоците, во Македонија се регистрирани 36.000 национални домени. Големите компании од приватниот сектор имаат интернет страни со кои се промовираат пред граѓаните, додека бројот кај малите компании и физичките лица е помал. Со процесот на либерализација се отвора можноста и помалите субјекти да станат поконкурентни на пазарот и истите да бидат регистрирани.

Претставниците на компаниите регистрари се задоволни од успешно завршената соработка со министерството и со МАРНет, при што изразија очекување дека се поголем број физички и правни лица ќе бидат заинтересирани за регистрирање на националниот домен.