Промоција на монографијата „Сеќавања” од Скендова-Скотланд во Торонто

Промоција на монографијата „Сеќавања” од Скендова-Скотланд во Торонто
Промоција на монографијата „Сеќавања” од Скендова-Скотланд во Торонто

Во салата на катедралната македонска православна црква “Свети Климент Охридски” во Торонто, вчера се одржа промоција на двојазичната монографија “Сеќавања”  од авторот Дана Скендова-Скотланд која е издание на издавачката куќа “Македонска искра” од Скопје.

Ова монографско дело со иселеничка содржина беше промовирано во рамките на Литературното друштво “Браќа Миладиновци”. Во присуство на голем број македонски иселеници од сите делови на Македонија, за делото зборуваше  Маја Доневска-Ивановска, претседател на друштво.

Автобиографијата “Сеќавања”  на Дана Скендова-Скотланд, е огледало на нејзиниот животен пат, судбина, минато, сегашност, дел од нејзините лични и семејни постигнување. Таа е животна приказна на семејството Скендови која започнала во познатото револуционерно село Неволјани, Леринско, во егејскиот дел на Македонија. Селото во кое се родени или имаат потекло плејада македонски   интелектуалци, револуционери, бизнисмени, добротвори и други личности кои се борат за афирмација на македонските идеали и кои постигнале видни резултати на повеќе полиња ширум светот.

Монографијата содржи 222 страници, голем број фотографии и прилози, затоа со право беше речено дека таа претставува иселенички придонес во публистиката, како и  дел од историјата и судбината на Македонците, особено  од Егејска Македонија. Делото се промовираше за прв пат на северно – американскиот континент.