Промоција на Отворен круг на Лилјана Мазова

На 13 ноември во 19 часот е закажана промоција на книгата „Отворен круг“ од Лилјана Мазова. За книгата и за авторката ќе говорат/читаат актерите Драган Спасов-Дац, Катерина Коцевска, Снежана Конеска-Руси, Дарја Ризова…

Лилјана Мазова, долгогодишен учесник/сведок во/на настаните во театарот – во Македонија и во светот –  низ содржината на „Отворен круг“ ни ја отвора својата меморија за театарот, најмногу за оние што се најблиску до публиката – актерите. Својот став за нив го раскажува како прозен запис и не ја крие приврзаноста и поврзаноста. Ја отвора меморијата низ настани што излегуваат од нејзиниот „момински ковчег“ во кој се ставови, случувања или уште којзнае што од она што е: автентичен автор во македонската театарска меморија.

„Отворен круг“ е мое соочување со себе, со нив, со времето и со мемо­ри­јата.  Отсекогаш сум се чувствувала сигурна во тој наш театарски отворен круг. Никогаш како некој „од надвор“. Во театарот имам прекрасни пријатели со кои можам да бидам бескрајно долго. Дома и на разни патувања по светот. Млади или помалку млади соговорници за нивната и моја љубов – театарот, за нивната и моја работа – театарот. Во едно интервју ме прашаа дали сонувам театар? Одговорив дека е премногу од мене да се очекува и да сонувам театар. Знам дека тешко заспивам по лошапретстава“,бележиМазова.

„Поделеноста на четири дела: ПИСМА ДО (Мите Грозданов, Огнен Дранговски, Васил Зафирчев, Снежана Конеска-Руси, Дарја Ризова, Никола Ристановски, Драган Спасов-Дац), ТИЕ СЕ (Љубиша Георгиевски, Мушереф Прекиќ-Лозана, Љубица Остојиќ, Јоана Поповска, Емил Рубен, Слободан Унковски, Љупка Џундева), ЗА НИВ (Митко С. Апостоловски, Салаетин Билал, Ацо Јовановски, Младен Крстевски, Димче Мешковски, Петар Мирчевски, Благоја Спиркоски) и ОТПОСЛЕ (Бранко Ѓорчев (1962-2013), Мери Бошкова (1924-2014), Тодорка Кондова-Зафировска (1926-2001), Тодорче Николовски (1902-1999), Ненад Стојановски (1952-1998), Кирил Ристоски (1948-2011), Коле Чашуле (1921-2011)), или на 7 + 7 + 7 + 7 е мој авторски предизвик, појаснува  Лилјана Мазова. Го сакам бројот 7. Носи среќа, искреност. За бројот 7 се врзани многу нешта во светот – од неговото постоење.“