Магазин

Промоција на „Статии и анализи за македонскиот јазик“ од Круме Кепески

Промоција на „Статии и анализи за македонскиот јазик“ од Круме Кепески

Во рамките на манифестацијата Денови на Благоја Корубин, утре во 11 часот во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје ќе биде промовирана книгата на Круме Кепески „Статии и анализи за македонскиот јазик“, што неодамна ја објави „Македоника литера“. Книгата ќе ја претстави д-р Веселинка Лаброска.

Книгата содржи статии, говори, предавања и разработени јазични прашања, што се однесуваат на општите согледувања на развојот на македонскиот јазик и за одделни јазични прашања; на методиката на наставата за македонскиот јазик; и на лексиката на македонскиот јазик.

Проф. д-р Димитар Пандев, во предговорот на книгата, меѓу другото, пишува: „Круме Кепески е македонски лингвист кој со филолошка и во тој контекст, со лингвистичка наобразба се здобил уште пред официјалната кодификација на македонскиот јазик, кога и ја започнал својата културна дејност во прилог на осмислување на македонистиката во рамките на славистиката, и активно продолжил да се занимава со неа во првите децении од стандардизацијата на македонскиот јазик, кога несебично се вклучил во практичната примена на литературнојазичната норма на македонскиот јазик, т.е. на усовршување на нормата и на научна елаборација на македонскиот јазик.

Кепески се јавува како автор на првата македонска граматика која веднаш наоѓа поширока примена во образованието и во другите сфери на општествениот живот. Автор е на повеќе граматики за основното и средното образование. Освен оваа книга, постхумно се објавени и книгите: Прилепскиот говор (1993), Островот бил парче земја (1994), Книга за Круме Кепески (1999) и Од нашиот речник (2007).