Магазин

Промоција на стихозбирката „Зад лавиринтот“ од Матеја Матевски

Промоција на стихозбирката „Зад лавиринтот“ од Матеја Матевски

Во мултимедијалниот културен центар „Матица екслузив“ на 20 февруари (четврток) во 12 часот ќе биде промовирана новата поетска книга „Зад лавиринтот“ од академик Матеја Матевски, со што издавачот ја одбележува 85-годишнината од раѓањето на големиот македонски поет. Во оваа пригода за делото ќе говори проф.д-р Весна Мојсова Чепишевска, а стихови ќе интерпретира Софија Гогова Врчаковска.

Матеја Матевски во изминатите шест децении создаде антологиски поетски дела, со кои во нашата книжевност востанови високи книжевни стандарди.Големиот завлек во таинствените пори на времето во новата поетска книга  е искажан со притаен глас, засилен со метафори и асонанци, понекогаш и со внатрешни длабоки рими, со што поетот ја потенцира вештината за создавање поезија со мисловен пев и со силни лирски пораки. Пред појавата на Матеја Матевски, македонскиот јазик не знаеше за такви изразни можности и лирски експресии. Неговиот начин на пеење прерасна во убава поетска школа во вистинската смисла на зборот, која во поетската книга „Зад лавиринтот“ добива еден нов, заокружен облик, констатитира Раде Силјан во поговорот под наслов „Матеја Матевски-поетски мудрец со младешки дух“.

Матеја Матевски е автор на дваесет стихозбирки, на седум книги со критики и есеи,, на четири антологии од шпанската,каталонската и галициската поезија, а како пасиониран преведувач има преведено над шеесет одделни книги од: шпански, француски, словенечки, албански, италијански, српски и руски јазик.Неговата поезија е застапена во македонски, еворпкси и светски антологиски избори и е наградувана со престижни домашни и меѓународни признанија. Во 2011 година Матевски беше добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезија.