Промоција на зборникот на документи „Руската колонија во Скопје“

Промоција на зборникот на документи „Руската колонија во Скопје (1920-1943 година)“, организираат Државниот архив на Република Македонија во соработка со Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија. Промоцијата ќе се одржи утре во 19:00 часот, во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, во Скопје.

Публикацијата излезе од печат во септември 2015 година, а нејзини уредници и составувачи се Филип Петровски, директор на Државниот архив на Република Македонија и Ленина Жила, професор на Институтот за национална историја при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

За значењето и подготвувањето на овој зборник, Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов го информираше Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, а предговор кон овој зборник, односно обраќање кон читателите има Никола Попоски, министер за надворешни работи на Република Македонија и С.В. Лавров, министер за надворешни работи на Руската Федерација.

Во Зборникот се прикажани ретки и автентични документи, кои се однесуваат на руските граѓани, дојдени во Македонија како резултат на трагичните настани од Граѓанската војна во Русија.

Руската заедница во Македонија со текот на годините се издигнала на високо ниво и се одликува со истакнати поединци од областа на културата, уметноста, образованието, спортот и науката.

Составувачите на овој зборник на документи имаа за цел зборникот да послужи не само за научноистражувачки цели, но и да стане еден вид книга-спомен за руската емиграција.

На промоцијата на Зборникот, свое обраќање ќе имаат Филип Петровски, директор на Државниот архив на Република Македонија и Олег Николаевич Шчербак, амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.