Промотивна кампања на акција „ Ден на дрвото “

Со засадување дрвца во средното училиште „Васил Антевски Дрен“ во Скопје денес ќе биде промовирана кампања за есенската акција „ Ден на дрвото 2015“, која треба да се одржи во втората половина од ноември.

Во кампањата, оваа година акцентот ќе биде на средношколците од градот Скопје, кои заедно со иницијативата „Денот на дрвото“, континуирано ќе засадуваат дрвца во училишните дворови и ќе ја озеленат својата средина. Во кампањата по средните училишта значајно учество ќе имаат и познати личности, успешни спортисти, писатели, естрадни личности итн.

Мото на годинашната акција е „Засади успех!“. Идејата е да се потсети на мотивите, почетоците, развојните фази и резултатите на акциите, кои започнаа пролетта 2008.

– Состојбата „како беше“, а „како е сега“, по 15 акции и по осум години се следи и преку идејата и пораките на ТВ-спотот „Засади успех!“ кој не потсетува на целата историја на зафатот на „Денот на дрвото“, каде граѓаните имаат носечка улога, наведуваат во соопштението.

Акцијата е 16-та по ред а мотото „Засади успех“ е потсетување на  заеднички постигнати успеси досега – нови млади идни шуми, но и нов повик до младите и до граѓаните за нов зафат – ново засадување на садници.

Според организаторите на акцијата ваквото, наменско и планирано засадување има повеќекратни ефекти и далекусежни благодети, не само за озеленување на дворовите на училиштата, туку и за едукација и поттикнување на еко-свеста кај младите. Идејата е тие сами да се грижат за дрвцата кои ќе ги засадат. Поттикнувањето на еко-свеста е значајна за обвновување на кругот на биодиверзитетот како важен услов за хармонија и синергија меѓу луѓето, животните и растенијата на нашата единствено населена Планета – мајката Земја.

Акцијата, чиј идеен творец, долгогодишен претседател и актуелен почесен претседател е маестро Борис Трајанов, во 2008 поведе со група ентузијасти кон засадување на нова еко-иднина поттикна формирање Граѓанско здружение „Ден на дрвото – засади ја својата иднина!“, кое веќе осум години, успеа, граѓаните на Македонија да ги поведе во нови успешни акции.