Промовиран новиот тренер на МЗТ Скопје Аеродром, Александар Тодоров

Александар Тодоров на средба со новинарите во петокот и официјално беше промовиран пред јавноста во нов тренер на кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром и притоа најави реорганизирање на клубот.
Тодоров, кој се враќа во редовите на клубот од Аеродром, потпиша едногодишен договор со актуелниот шампион на Македонија, а со МЗТ 43-годишниот тренер веќе работеше во три наврати. Дебито на клупата на МЗТ Скопје, тој го имаше во 2000 година, а потоа и 2007-ма, но најзначаен период за аеродромци под водството на Тодоров беше сезоната 2011/2012 кога МЗТ Скопје првпат ја освои шампионската титула.

„Приоритет е да се состави тим претежно од македонски кошаркари, за таа цел ќе се направи реорганизација во младинските школи од каде во иднина ќе се црпат нови членови на сениорскиот тим. Една од задачите ќе биде враќање на публиката, односно навивачката група на МЗТ Скопје – популарната група ‘Фемили Аеродром’”, ги најави Тодоров целите на шампионскиот тим.

Не се осврена посебно на езултатите, но се подразбира дека основна задача на Тодоров во следната сезона ќе биде враќањето на двојната круна во мак-баскетот, како и позабележителен настап во АБА лигата. Тој засега на располагање ќе има неколкумина млади кошаркари кои ќе им се приклучат на репрезентативците Марко Симоновски, Адем Мекиќ и повратникот во тимот Дамјан Стојановски, како и Американецот Ксавиер Темс кој има договорна обврска клубот на уште една година.