Промовиран порталот на концептот „Отворени податоци“

Слободен и бесплатен пристап до податоците од јавен карактер без технички или законски ограничувања, нуди новиот портал на концептот „Отворени податоци“, кој денес беше промовиран во Министерството за информатичко општество и администрација.

Податоците од институциите се достапни за сите заинтересирани физички и правни лица. Бизнис секторот и граѓаните ќе бидат во можност на различни начини да ги комбинираат и анализираат податоците од различни податочни сетови.
Порталот www.opendata.gov.mk сега мигрира на www.otvorenipodatoci.gov.mk, каде институциите кои претходно ги имаа отворено податоците во отворен формат и беа линкувани до централниот сајт за отворени податоци исто така ќе бидат мигрирани на новата платформа.

„Министерството за информатичко општество и администрација инвестираше во развој на модерна платформа која ќе овозможи транспарентен пристап до отворените податоци на институциите во Република Македонија.„- рече министерот Ивановски.

Тој соопшти дека платформата е составена од три компоненти: Модул за испраќање на податоци, кој обезбедува структурирање на оригиналните податоците во соодветната институција во формат прифатлив за приказ на централното решение, Модул за централизирана организација и презентација на податоците, во кој се чуваат доставените податоци во отворен формат и се достапни преку веб сервиси до заинтересираните компании кои би развивале апликации и Модул за дистрибуција на податоци, преку кој се обезбедува механизам за напредна обработка, пребарување и презентација на податоците собрани од различни извори.

Со овој проект се опфатени вкупно 82 податочни сетови од 11 институции: Агенција за катастар на недвижности (со 2 податочни сета), Агенција за електронски комуникации (со 4 податочни сета), Министерство за животна средина и просторно планирање (со 14 податочни сета), Државен инспекторат за труд (со 4 податочни сета), Министерство за финансии (со 7 податочни сета), Државен пазарен инспекторат (со 4 податочни сета), Државен инспекторат за земјоделство (со 6 податочни сета), Државен санитарен и здравствен инспекторат (со 7 податочни сета), Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (со 7 податочни сета), Државен управен инспекторат (со 6 податочни сета) и Министерство за економија (со 21 податочен сет).

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.