Промовиран првиот камион произведен во Македонија

Велешката компанија Брако започна со производство на камиони за вакумско чистење на градските улици. Овој камион е резултат на заедничкото партнерство на Брако со италијанската компанија Биострада. Механичкиот уличен чистач е специјално еколошко возило, чие производство, од составните делови па се до склопувањето, се одвива во погоните на Брако. Ова е првпат во Македонија да се произведуваат камиони.

„Брако веќе неколку години работи на производство на ова возило, но за потребите на нашиот партнер, италијанската компанија Биострада, соработка започната во 2011 година. По стекнатото искуство во производство на составните делови, отидовме и чекор понатаму со целосно производство на првиот македонски камион. Со ова Брако отвора ново поглавје во сопственото производно портфолио, а воедно отвора и нови перспективи за конкурентноста на македонското производство на странските пазари“, изјави Кочо Анѓушев, претседателот на Бордот на Директори.

Првите камиони ќе завршат на пазарите во Катар и Италија. Возилото има висок капацитет со можност да исчисти над 70.000 м2 на час и обезбедува напредни еколошки перформанси. Користи вакуумски систем за собирање на отпадот базиран на метли што ја собираат и ја насочуваат нечистотијата кон централниот дел на машината. Целосното сузбивање на правот е постигнато преку системот за собирање и дополнително со притисокот внатре во контејнерот, генериран од турбина за вшмукување. На овој начин се постигнува максимален ефект во чистењето, а со бројните филтри поставени на патеката на движење на отпадот и внатре во контејнерот, се филтрира воздухот пред да биде испуштен.

„Биострада во своето осумгодишно постоење успеа да се наметне на пазарот за производство на камиони за вакуумско чистење. Имаме соработка со земјите од западна Европа, Јужна Америка, Азија и Африка. Веќе започнавме и соработка со армијата на САД. Може да се каже дека со одлична развојна стратегија направивме големи чекори за кус временски период. Овој денешен почеток на заедничко партнерство со Брако за нас преставува отворање на нова страница којашто ветува голем успех“, изјави Алесандро Енџоли од италијанската компанија Биострада.

Во изминатите 11 години компанијата Брако се специјализираше во производство на жичани и лимено-цевкасти производи, медицинските помагала и производи поврзани со телекомуникациската опрема. 96% од целосното производство е наменето за извоз во 19 држави. Развојната стратегија дозволува отворање на ќерка фирма на компанијата во Панчево, Србија. Брако во моментов има 450 вработени во Велес и 70 во Панчево, а за првите 9 месеци од оваа година има зголемен промет за 13% споредбено со минатата година со производство на 30.000 тони финални производи.