Македонија

Промовиран првиот пакет на асистивни уреди во бесплатниот интернет клуб во Скопје

Промовиран првиот пакет на асистивни уреди во бесплатниот интернет клуб во Скопје

Еден од главните приоритети на Министерството за информатичко општество и администрација e овозможување на достапност на придобивките на информациско – комуникациските технологии до сите, без разлика на местото на живеење, нивото на познавање на ИКТ, возраста, образованието.

Во тие рамки денеска соработка со здружението „Отворете ги прозорците“ беше промовиран првиот пакет на асистивни уреди во бесплатниот интернет клуб во Скопје, кој ќе биде достапен за лицата со инвалидност и за постарите лица.

„Настојувавме да им помогнеме на овие категории наши граѓани  на кои исто така им е потребна ИКТ технологијата во секојдневниот живот. Нашата цел е да градиме слободно и развиено информатичко општество за сите. Набавивме нови 41 монитори на допир, кои ќе бидат инсталирани во внимателно одбрани 31 училиште и 10 поголеми интернет клубови, потоа 80 специјални тастатури, глувчиња и друга апаратура потребна за работа со компјутер. Во наредниот период ќе ги опремиме клубовите, а невладината организација ’Отворете ги прозорците’ како наш партнер во проектот ќе направи обука на вработените“, рече министерот Иво Ивановски.

Асистивните технологии се однесуваат на помошни уреди кои ги користат лицата со посебни потреби при работа со компјутери, како што се тастатури со големи копчиња, џоистици, издвоени кликови итн. Тоа ќе има позитивно влијание за подобрување на нивниот образовен процес, како и подобрување на капацитетите за својот личен развој.

„Со овој проект, кој финансиски е поддржан од УСАИД и спроведуван од Здружението ’Отворете ги прозорците’, ќе им овозможиме на околу 200 до 300 лица со инвалидитет да ги посетуваат интернет клубовите во кои ќе добијат соодветна обука од страна на вработените, а ќе има и прирачници кои ќе помогнат за побрзо и полесно совладување на компјутерската техника. Исто така, овие можности ќе можат да ги користат и постарите лица од третото доба“, додаде Ивановски.

Владимир Лазовски од здружението „Отворете ги прозорците„ истакна дека опремувањето на интернет клубовите со асистивни уреди, ќе овозможи да се привлечат различни групи граѓани: лица со попреченост, возрасни лица итн.

„Обуките за наставници и училишните тимови веќе се завршени и вклучија над 400 лица. За дел од училиштата, новата опрема ќе овозможи да ги надградат досега исклучително позитивните резултати од примената на асистивна технологија во секојдневната работа со ученици со посебни образовни потреби. Инаку, за постигнувањата во образованието, ’Отворете ги прозорците’ ја доби престижната меѓународна Награда на Фондацијата ЕРСТЕ за социјална интеграција во 2013 година“, рече Лазовски.