Промовиран третиот нацрт план за Отворено владино партнерство 2016-2018

Подготовката на новиот акциски план формално почна во средината на март годинава, а во активностите се вклучени околу 100  граѓански организации.

– Отвореното владино партнерство преставува разработена алатка која може да придонесе кон спроведување на одржливите развојни цели. Мерките во Националниот акциски план ќе послужат како ефективни алакти за промовирање транспарентно и одговорно спроведување на Агендата за одржлив развој до 2030 година, рече министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска-Томовска на втората дебата на тема „Отворено владино партнерство-дијалог со граѓанските организации за Националниот акциски план 2016-2018“.

Арсовска-Томовска потенцира дека предлог мерките во Нацрт акцискиот план се поврзани со општествените развојни цели содржани во агендата за одржлив развој, а особено со целта 16 „Промовирање на праведни, мерни и инклузивни општества“.

Со пристапувањето на глобалната доброволна иницијатива Отворено владино партнерство, посочи Арсовска-Томовска, македонската Влада се обврза и ја потврди заложбата за отворени транспарентни, сигурни и ефикасни владини институции кои комуницираат и соработуваат со граѓаните.

– Обврските за транспрентност во вршење на владините активности, како и вклучувањето на невладините организации, остануваат високи приоритети во агендата на Владата на РМ.Тоа го покажува и праксата остварена со соработката на Владата и на невладините организации во градење на акциските планови за отворено владино партнерство, рече министерката Арсовска-Томовска, дополнувајќи дека соработката воедно е потврда дека креативната енергија на граѓанскиот сектор е активно искористена за подобрување и негување на културата на вклученост и почитување на правата на сите граѓани во креирање политики, носење одлуки и закони, како и пристап до информации.

Луиза Винтон постојан координатор на Обединетите нации и претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации истакна дека принципите за отворена влада одат заедно со идејата за одржлив развој.

– Токму целта 16, една од седумнаесетте нови глобални цели има за цел да изгради ефективни, одговорни и инклузивни институции на сите нивоа, што јасно одговара со поставената агенда за отворена влада, рече Винтон.

Напредокот кон секоја од тие цели, како што потенцира, зависи токму од транспарентноста на институциите коишто се отворени и одговорни кон нивните граѓани.

Винтон истакна е важно што Македонија е дел од агендата за одржлив развој и што се подготвува нов акциски план што ги спојува одржливите развојни цели и Отвореното владино партнерство.

– Но, ставањето зборови на хартија е лесниот дел. Како што државата го извлекува своето искуство од пролонгираната криза што се случува и јавноста работи на повторно градење на нивната доверба во институциите, се надевам дека јасните заложби во овој нов план ќе служат како патоказ кон исполнување на ова, рече Винтон.

Извршната директорка на Центарот за истражување и креирање политики, Марија Ристеска рече дека е постигнат голем напредок во вклучувањето на граѓанското општество во изработката на националните планови.

– Имаме големи резултати во однос на вклучувањето на граѓанските организации. Годинава имаме и проширување на опфатот на инклузивноста, освен граѓански организации овозможивме вклучување на бизнис заедницата, синдикатите, организацијата на потрошувачи, академската заедница, така што самиот процес на кокреација станува многу поинклузивен, рече Ристеска, посочувајќи дека е важно што сега се вклучени околу 100 граѓански организации и оти не се само дел од креирањето, туку и од примената.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.