Промовирана апликацијата „Петувај зелено“

Како дел од активностите на четвртиот ден од Европската недела на мобилност- масовната кампања за промоција на одржливите видови транспорт, денеска во просториите на Град Скопје беше презентирана новата андроид апликација „Патувај зелено“, преку која граѓаните во реално време ќе може да добиваат информации за сообраќајните текови во градот и да го одберат најкраткиот, најекономичниот и најеколошкиот начин за да стигнат до саканата дестинација. Новиот проект на Град Скопје, „Патувај зелено“, го претставија градоначалникот Коце Трајановски, министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири, постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Луиза Винтон и деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), Димитар Трајанов.

– Градот Скопје е еден од малкуте градови во регионот кој своето работење го темели врз принципите на одржлив развој и подобрување на животниот квалитет на граѓаните. Андроид апликацијата и web страницата Патувај зелено или Skopje Green Route претставува уште еден значаен чекор кон создавањето одржлив транспортен систем во градот. Овој револуционерен и иновативен концепт е развиен од Град Скопје и Програмата за развој на Oбединетите нации, а го интегрира функционирањето на главните транспортни чинители во градот, ЈСП, ЈП „Градски паркинг“, Центарот за управување и контрола на сообраќајот и граѓаните како главен елемент во транспортниот крвоток на градот. „Патувај зелено” претставува навигациска алатка која ќе овозможи постојано информирање на граѓаните за состојбите во сообраќајот, ќе ги промовира можностите за употреба на поеколошки и поекономични начини на превоз и ќе ги квантифицира емисиите на стакленички гасови предизвикани од моторизираниот транспорт во градот. Со еден збор, таа ќе им овозможи на корисниците да го изберат најкусиот, најекономичниот, најбрзиот и најеколошкиот начин на патување до одредена дестинација. Додадена вредност на овој концепт е опцијата за информации обезбедени од граѓаните, со која во реално време корисниците ќе можат да даваат дополнителни информации за сообраќаен застој и тековни сообраќајни состојби. „Патувај зелено” e фокусиран на секој човек во заедницата и има главна цел да поттикне систематски промени во транспортните навики на граѓаните и институциите, и да придонесе во подигнувањето на јавната свест и конституирање на одржливи генерации на Град Скопје. Градот Скопје е прв град во поширокиот регион на Балканот, чијшто јавен транспортен модел е инкорпориран во Google’s Transit веб сервисот, со што Градот Скопје станува достапен за корисниците на Google во целиот свет. На крајот, би сакал да се заблагодарам на УНДП за финансиската поддршка на овој проект и на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство за соработката и реализацијата на проектот, за кој верувам дека ќе биде добро прифатен и широко користен од граѓаните и посетителите на Скопје – рече на денешната презентација градоначалникот Трајановски.

Апликацијата „Патувај зелено“ е бесплатна и граѓаните преку својот мобилен телефон може да ја инсталираат преку иконата playstore, со внесување skopje green route и избор на оваа апликација.

– Министерството за животна средина во целост го поддржа овој корисен проект. Со избирање на „паметен“ начин на транспорт секој може да придонесе за почиста животна средина, намалена бучава, подобрено здравје и заштеди во семејниот и државниот буџет. Ова е алатка која ни овозможува да ги исполниме нашите дневни обврски, но притоа да бидеме одговорни спрема животната средина, а со тоа и спрема самите себе – нагласи министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири.

Постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон, ја истакна добрата соработка со Градот Скопје и со ФИНКИ во изработката на оваа апликација.

– Апликацијата е одличен спој меѓу модерната технологија и транспортниот систем. Оваа корисна интерактивна апликација овозможува граѓаните да бидат подобро информирани кога избираат начин и средство за патување. Од друга страна, истата лесно би можела да се реплицира и во другите градови низ Македонија. Овој проект овозможи нашите студенти да се вклучат во практична работа и да осознаат нови вештини. Проектот беше избран како еден од 7-те најдобри проекти на глобалниот натпревар за иновации на Обединетите нации кој имаше за цел да ги прикаже можностите за користење големи податочни бази во борбата против климатските промени – објасни деканот на ФИНКИ, Димитар Трајанов.

Новата апликација на Град Скопје, „Патувај зелено“, ќе биде претставена на претставниците на влади и јавниот и приватниот сектор за време на серијата настани поврзани со Самитот на Обединетите нации за климатските промени, којшто ќе се одржи во Њујорк, САД, на 23 септември.