Промовирана дебитантската збирка поезија на 15-годишниот Марко Манасиев

Дебитантската збирка поезија на англиски јазик под наслов „Thoughts“ (Мисли), младешки стихови на средношколецот Марко Манасиев, беше промовирана во саботата вечерта во хотелот „Александар Парк“ во Виница.

Првата поетска збирка на младиот поет Марко Манасиев, како што посочи рецензентот Орце Павлов, претставува енциклопедија на емоции, креирана како одговор на сериозните предизвици инспирирани од секојдневието на адолесцент заробен меѓу два света.

„Станува збор за типична поезија на млад човек кој се соочува со општеството во вистинска смисла и форма, за мисла и фрустрација преточени низ креативен канал“, истакна професорот Павлов, додавајќи дека ова е радосен момент кога денес поезијата е на маргините на општествените текови.

Манасиев, ученик во виничката гимназија „Ванчо Прќе“, претставувајќи со своето поетско првенче рече дека неговите стихови се интерпретација на личните впечатоци од осознавање на светот.

За одлуката импресиите да ги преслика на англиски, младиот поет вели дека е голем вљубеник во овој јазик и оти мислел дека е поинтересно своите размисли да ги сподели со читателите на овој начин.

Излегувањето на книгата беше помогнато од Александар Цветанов, директот на виничката компанија „Мак прогрес“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.