Магазин

Промовирана книгата „Имагинарни музеи“ на Владимир Мартиновски

Промовирана книгата „Имагинарни музеи“ на Владимир Мартиновски

Денеска во Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации „Иналко“ (Inalko) беше промовирана книгата „Имагинарни музеи“ (Les musées Imaginaires) од Владимир Мартиновски. Книгата е во издание на реномираната издавачка куќа „Ларматан“, а беше објавена во 2009 година, на француски јазик.

Станува збор за компаративна студија во која се проследува дијалогот меѓу поезијата и сликарството, преку анализа на поетски дела од шест поети од три различни литературни традиции: француската (Шарл Бодлер и Ив Бонфоа), американската (Вилијам Карлос Вилијамс и Џон Ешбери) и македонската (Славко Јаневски и Влада Урошевиќ).

Според проф. д-р Микеала Симингтон, „во шест поглавја, Владимир Мартиновски го истражува проседето кое овозможува да се промислува односот пишување-сликање во целата негова комплексност. Корпусот е мошне богат и компаратистички: анализираните текстови се од американската, француската и македонската книжевност. Авторот ја покажува целисходноста на неговата тема преку анализата на „ликовниот Пантеон“ на поетите, анализа која резултира со преиспитување на прашањето за поимот на мимезисот. Кохерентноста на трудот и оправданоста на корпусот се овозможени преку прецизното реферирање на поимот екфразис“.

Според проф. д-р Еди Бурауи, „Владимир Мартиновски не само што овде ни нуди суптилна анализа на шест мултикултурни поети туку и една продлабочена и нијансирана студија на значењето на поимот екфразис и на неговите безброј комплексности и импликации во уметноста воопшто“. „Имагинарни музеи е суштествена книга за подобро да се разберат интеракцијата и проникнувањето на поезијата и на ликовните уметности“ – вели проф. Бурауи.

Промоцијата е во организација на Центарот за балкански студии во рамките на ИНАЛКО, а по иницијатива на професорката Фроса Пејовска-Бушро.