Промовирана македонска поштенска марка во САД

поштенска марка

Поштенската марка минатата седмица е промовирана пред американската јавност на конгрес на Друштвото на теоријата на комуникации, како дел од Американскиот институт на инженери од областа на електрониката, на чија покана присуствувал и Нинослав Марина, ректор на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“-Охрид.

Марина изјавил дека како еден од авторите на иницијативата се радува што на ваков начин се чествува 100-годишнината од раѓањето на прославениот американски научник и татко на математичката теорија на комуникации и теорија на информации.

Се радувам и ја делам радоста на членовите на Друштвото на теоријата на комуникации, кои изразуваат искрена благодарност и восхит кон начинот на кој Република Македонија ја изразува својата почит кон делото на Клод Шенон. Македонија е единствената земја во светот што издаде марка во чест на Шенон, што ме прави особено горд и би сакал да изразам голема благодарност до сите кои придонесоа за реализација на иницијативата, истакнал Марина.

Клод Шенон е светски признат научник заслужен за основите за создавањето на некои од најзначајните телекомуникациски методи на денешницата, што се користат во интернетот, мобилните телефони, компјутерите, уредите за меморирање и при електронската заштита на податоците.