Промовирана монографија за актерот Бранко Ѓорчев

Монографија за актерот Бранко Ѓорчев (1962-2013) беше промовирана денеска во  Центарот за култура „Марко Цепенков“ во рамки на 50. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Промоцијата беше збогатена со инсерти од улоги на Ѓорчев, чија матична сцена беше  Драмскиот театар-Скопје.
Директорот на Драмски Роберт Велјановски рече дека Ѓорчев беше исклучително плоден уметник со специфично креативен актерски израз, пренесува МИА.
– Бранко Ѓорчев на македонската театарска сцена беше присутен повеќе од 30 години, со исклучително плоден и специфичен креативен, длабок и траен актерски израз. На сцената на Драмски театар одигра 46 лика и уште десет на сцената на Македонскиот народен театар и театрите во Куманово, Битола, Струмица…, а во опусот му се запишани и премиери на претстави во Париз и Дубровник (Дубровнички летни игри). Ѓорчев одигра и 26 ликови во ТВ-серии, филмови, драми, документарни и образовни програми, рече Велјановски.
Според театрологот Ана Стојаноска, оваа монографија чиј приредувач е театарскиот критичар Лилјана Мазова, е дел од големиот мозаик за актерот Бранко Ѓорчев.
– Како сите мозаици е составена од повеќе комплементарни елементи, секој елемент со свој автор, има текстови на актери, режисери, писатели, и секој со своја страна на приказната. И тука се гледа умешноста на приредувачот на монографијата, Мазова, да ги спои сите тие разноласија во една целина, рече Стојаноска.
Она што ја прави репрезентативна оваа монографија, нагласи промоторот Стојаноска, е снимениот ДВД материјал кој ретроспективно ни ја доближува богатата актерска личност на Бранко Ѓорчев.
Приредувачот на монографијата за Бранко Ѓорчев, театарскиот критичар Лилјана Мазова, се заблагодаи на обемниот видеоматеријал кој за потребите на монографијата на располагање го дала Македонската радиотелевизија.
– Настојував да ги спојам сите текстови на авторите во монографијата и нагласив да ја има емотивната компонента. На крајот сфатив дека сите сме го сакале Бране, рече Мазова.
Бранко Ѓорчев беше уметнички директор (2000-2002) и директор (2006-2013) на Драмскиот театар, предаваше ораторство на Правниот факултет и на Универзитетот ЕСРА, добитник е на повеќе театарски награди и признанија,меѓу кои и на државната награда „Климент Охридски“.
Посебен примерок од монографијата за Бранко Ѓорчев, промоторите и врачија на мајката на актерот, Добрила, која се заблагодари што му е укажана оваа чест на нејзиниот син.