Промовирана велосипедската патека на „Александар Македонски“

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, денеска ја промовираа реконструираната велосипедска патека по должината на булеварот Александар Македонски, на потегот од клучката „Естекада“ до бараките на Општина Гази Баба.

– Постојната велосипедска патека на оваа делница којашто беше многу оштетена и полна со дупки сега е реконструирана на вкупна должина од 1.530 метри и на ширина од 2,5 метри. Во текот на градежните работи, беше отстранет стариот и оштетен асфалт, се санираа дупките и нерамнините, се поставија нови рабници и се нанесе нов асфалтен слој. Важно е да се нагласи дека реконструираната велосипедска патека по должината на булеварот Александар Македонски е обележана со вертикална и хоризонтална сигнализација, со континуирана препознатлива бела боја, што е во согласност со Акцискиот план за велосипедските патеки 2014 – 2017 година кој го подготви Градот Скопје. Оваа велосипедска патека ги заобиколува постојните автобуски станици од задната страна, а при нејзиниот влез и излез од крстосниците се направени рампи за глатко движење. По должината на патеката се поставени и столпчиња за да се спречи непрописното паркирање моторни возила. Паралелно со реконструкцијата на велосипедската патека, Градот Скопје ја реконструираше и пешачката патека по должината на булеварот Александар Македонски, од клучката „Естекада“ до бараките на Општина Гази Баба. На терен работеа екипите на ЈП „Улици и патишта“. За реконструкција на велосипедската и на пешачката патека по должината на булеварот Александар Македонски, на потегот од клучката „Естекада“ до бараките на Општина Гази Баба Градот Скопје потроши околу 11 милиони денари – рече денеска градоначалникот Трајановски.

2

Трајановски додаде дека оваа велосипедска патека на булеварот Александар Македонски е дел од Рутата 1 од капиталниот проект за унапредување на велосипедските патеки во Скопје – СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017, што Градот Скопје го промовира пред два дена. Патеките што се дел од Рутата 1 треба да бидат реконструирани до крајот на оваа, 2015 година. Во моментов се работи на реконструкција на велосипедската патека од другата страна на булеварот Александар Македонски, од јужната страна, на потегот од хотелот „Континентал“ до клучката „Естекада“. Градежните работи ќе продолжат и на други велосипедски патеки од Рутата 1.

– Градот Скопје пред два дена го промовираше капиталниот проект СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017. Нашата цел е да го олесниме движењето на велосипедистите, да им овозможиме на сите што користат велосипед без препреки и безбедно да стигнат до саканата дестинација и да формираме ефикасна мрежа на велосипедски патеки коишто ќе бидат поврзани и достапни за користење. Со проектот СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017 во градот ќе се оформат четири главни велосипедски рути кои ќе се протегаат во насока исток – запад и 7 конектори кои ќе се протегаат во насока север – југ и тоа: РУТА 1 –  Гази Баба-Центар-Карпош (со должина околу 8 километри); РУТА 2  – Аеродром-Центар-Карпош-Ѓорче Петров (со должина околу 11 километри); РУТА 3 – Кисела Вода – Центар – Карпош (со должина околу 8,5 км), РУТА 4 – Бутел-Чаир-Центар (со должина околу 5 км), како и Седум конектори (со должина околу 19км). Градот Скопје во текот на изминативе неколку месеци реконструираше велосипедски патеки во должина од 3,5 километри, и тоа: по должината на булеварот Кузман Јосифовски Питу, на потегот од НБРМ до Транспортниот центар; на булеварот Гоце Делчев, на потегот од МРТВ до факултетскиот комплекс; на булеварот Крсте Мисирков, на потегот од Адвокатската улица до кеј „Димитар Влахов“; на булеварот Александар Македонски; на булеварот Ѓорче Петров, на потегот од Општина Ѓорче Петров кон мостот за Сарај и на булеварот Крсте Мисирков на потегот од ТЦ „Мавровка“ до Бит-пазар – нагласи градоначалникот Коце Трајановски.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, ја нагласи добрата соработка со Градот Скопје и упати апел граѓаните што повеќе да користат велосипед во своето секојдневно движење.