Македонија

Промовирани 12 нови книги од кои се учи на најреномираните универзитети

Промовирани 12 нови книги од кои се учи на најреномираните универзитети

Дванаесет нови дела од проектот за превод на 100 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните светски универзитети денеска беа промовирани во Скопје, пренесе МИА.

Со нив, досега вкупно се преведени 919 дела од областа на природно-математичките науки, филозофијата, електротехниката и машинството, компјутерските науки, менаџментот, ликовните науки…..

Поголем дел од денеска промовираните книги се од областа на компјутерските науки и информатиката, како и од електротехничките и машинските струки.

Премиерот Никола Груевски, кој заедно со заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски присуствуваше на промоцијата, истакна дека овие две полиња се од исклучително значење за Република Македонија.

– Развојот на ИТ секторот во Македонија е поле на кое во изминатите неколку години макотрпно и посветено се работеше. Тргнувајќи од обезбедувањето на комјутери и интернет за сите ученици, општата и масовна едукација на населението за работа на компјутер и интернет, масовната имплементација на ИТ можностите во административните услуги, преку стимуалција за отворање на нови смерови, факултети и нов универзитет за информатички науки и технологии во Охрид, па се до бројните стипендии за поттикнување на многу млади да ги изичуваат информатички науки и технологии, нагласи Груевски.

Тој напомена дека од значење за државата се и стручните кадри во делот на техничките науки кои се дефицитарни на пазарот на трудот и особено барани од домашните и странските компании.

– Од тие причини Владата на Република Македонија во континуитет презема мерки за стимулација на младите за насочување кон техничките науки. И во овој случај, литературата и кинигите од кои се учи е особено важна, посебно затоа што странските компании особено ги ценат кадрите кои имаат познавања и стручност кои се компатибилни со знаењата на развиените западни држави. Токму затоа во проектот за „Превод на 1000 стручни и научни книги и учебници се вклучени голем број дела од овие науки, рече Груевски.

Тој најави дека проектот се проширува со уште 200 нови книги од кои за првите 50 веќе е објавен јавниот повик за превод и печатење.

Заменик-министерот Спиро Ристовски нагласи дека веќе е започната постапката за набавка на книги од областа на пегадогијата, земјоделството и медицината.

– Македонските студенти треба и мора да бидат на исто рамниште со нивните колеги од најреномираните универзитети, рече Ристовски, апелирајќи до студентите да ја користат оваа литература.

фото: МИА