среда, 28 јуни 2017  |  Вести денес: 11

Промовирани 14 нови преводи на стручна и научна литература

gruevski-spiro-ristovski-knigi

Поврзани вести

Вкупно 14 нови дела покрај досегашните 1.000 од проектот „Превод на стручни и научни книги и учебници“, беа промовирани денеска во специјализираната читална во Градскиот трговски центар во Скопје.

Како што рече заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски, проектот покажа одлични резултати и продолжува да се имплементира. Ќе биде надграден со превод на нови 200 светски наслови, по 50 во следните четири години. Концептот за превод е веќе дефиниран. Читалната, пак, утре одбележува шест години постоење, период во кој надмина бројка од еден милион посетители.

„Новите 14 стручни книги кои се пред нас на денешната 64-та промоција од почетокот на проектот или прва на книги од новата едиција, се од областа на медицината, стоматологијата, земјоделските науки и педагогијата. Од овие области ќе бидат и преостанатите дела предвидени за превод во оваа календарска година“, рече Ристовски.

Во 2018-та ќе бидат преведени наслови од природно-математичките науки и од економијата, а потоа и од областа на правото, рударско-геолошките и технолошко-металуршките факултети.

„Последната година ќе биде модернизиран и надграден фондот на стручна и научна литература за потребите на Градежниот, Архитектонскиот, Машинскиот и Факултетот за ветеринарна медицина“, најави заменик-министерот.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој присуствуваше на промоцијата, подвлече дека проектот почна со 500, а потоа со 1.000 научни книги за универзитетите. Подоцна беше проширен на 1.200.Сега, пак, ова е влез во нова фаза од 1.000 книги и учебници од сите научни области.

„Одлучивме да се фокусираме на неколку сектори каде што ни е исклучително важно да имаме стручна и научна литература. До пред оваа промоција беа промовирани и поделени по сите универзитетски библиотеки и по другите библиотеки вкупно 1.000 книги, а ова се првите над тие илјада. Можам да кажам дека се одлична литература за студентите, за постдипломците, за професорите, за сите што се занимаваат со научна дејност или со високо образование“, рече Груевски.

Во првата година на овој дополнителен проект, од дополнителни 200 книги и учебници, се почнува, укажа, со првите 14 наслови.

„Овие дела значително го збогатија фондот на книги и учебници за нашите универзитети, за нашите студенти, постдипломци, докторанти, за прфесорите, за асистентите, за сите оние кои на кој било начин или потреба се наоѓаа во некоја истражувачка фаза, во студентска фаза, во постипломска фаза…, така што се уникатна можност нашите студенти, наставници, асистенти, професори, да работат по учебници кои се учат на 10-те највисоко рангирани универзитети во светот“, потенцираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, изразувајќи задоволство што проектот се реализира според утврдената динамика и план.

Најчитани вести