Промовирани монографиите за Пере Тошев и Апостол Петков, револуционери и визионери за македонската самостојност

Со поддршка од македонската Влада, а изработена  од врвни професори и истражувачи едицијата „Македонски дејци“ е капитален проект со кој се зацврстува и збогатува севкупното македонско образование, творештво, литература и книжевност.

Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски и директорот на Државниот архив на Македонија, Зоран Тодоровски, денеска ги промовираа монографиите на македонските револуционери Пере Тошев и Апостол Петков, дејци кои животот го дале за ослободување на државата.

„Имињата на овие двајца револуционери се од редот на личностите за кои многу малку се знае во нашата современа држава, а кои со својот живот и дело несомнено заслужиле висок пиедестал во нашата историја“, истакна министерот Ристовски, кој додаде дека со овој проект и издавањето на овие монографии кои фрлаат ново светло на овие значајни ликови од историјата се откриваат многу досега необјавени факти и вистини за македонското минато.

Ристовски појасни дека автори на монографиите се Михајло Миновски кој го создаде делото за Пере Тошев, кој нагласи дека тој е еден од четворицата великани на ВМРО и Ванчо Ѓорѓиев кој истражуваше за животот и делото на Кралот од блатото, Апостол Петков.

„Голема благодарност до еминентните професори и историчари од нашата земја, Михајло Миновски и Ванчо Ѓорѓиев, автори на монографиите, кои вложија огромен труд  во нивната изработка. Се надевам дека овие изданија ќе бидат интересно четиво за сите оние кои сакаат да дознаат повеќе за големите македонски револуционери и визионери за самостојност“, потенцираше Ристовски на денешната промоција во Порта Македонија.

Директорот на Државниот архив на Македонија, Зоран Тодоровски нагласи дека иницијатор на овој мошне значаен проект за зачувување на македонското минато и афирмација на револуционерите е претседателот на Владата, Никола Груевски.

Тој појасни дека проектот ќе биде завршен до крајот на оваа година, а во негови рамки ќе бидат издадени 31 монографија, сите посветени на војводи и револуционери кои животот го дадоа за државата.

Министерот Ристовски нагласи дека едицијата „Македонски дејци“ со безрезервна поддршка од Владата на Македонија и во иднина ќе продолжи да ја одгатнува мистеријата за ликови и историски моменти за кои македонската јавност знае малку или пак воопшто не е запознаена.