Промовирани нови наслови од проектот за превод на илјада стручни книги

Нови десет наслови од проектот Превод на стручни книги и учебници од кои се учи на првите десет рангирани светски универзитети беа промовирани попладнево во читалната „1.000 книги“. Со ова вкупниот број на преведени и отпечатени книги достигна 977. Проектот за превод на илјада книги ќе се надоплни со уште двесте.

Насловите што денеска беа промовирани се од областите: економија, земјоделство, медицина, машинство, електротехника, информатика, архитектура и градежништво.

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека целта на овој проект е достапност до квалитетни учебници на мајчин јазик.

Секоја книга која ја промовираме во рамки на овој проект е внимателно избрана и препорачана од врвните професори и со тоа оваа литература е директно применлива за студентите и истражувачите бидејќи е направена врз основа на селекција со универзитетите. Меѓу имињата на авторите се еминентни професори од водечките универзитети во светот кои имаат добиено високи призанија за нивните исклучителни придонеси во науката и образованието, рече Ристовски.

На промоцијата, која е 61-ва од почетокот на проектот во 2009 година, присуствуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Истакна дека проектот кој е во завршница е многу успешен и корисен за студентите, професорите и научниците.

Ме радува што проектот се привршува во првата фаза во која беше замислен од илјада книги и учебници. Понатаму тој ќе биде продолжен со дополнителни 200  од различни области. Ова е извонредна шанса за сите оние кои сакаат да добијат знаења од врвни автори и експерти во својата област, кои се најдобри или меѓу најдобрите во светот, тоа да може да го имаат. Овие книги се голема предност и за студентите, но и за професорите, асистентите, научните работници, оние кои се на додипломски, но и на постдипломски и на докторски студии, рече Груевски.