Промовирани пет тома од проектот „Македонски искушенија“

Книги за животот и делото на Гоце Делчев, Ристо Шишков, Тодор Александров, Васил Чакаларов, како и за Балканските војни, како дел од проектот „Македонски искушенија“ денеска беа промовирани во Порта Македонија.

На промоцијата присуствуваа премиерот Никола Груевски, министрите за култура и обрзвоние и наука, Елизабета Канческа-Милевска и Сприо Ристовски, претседателот на друштвото на писатели и носител на проектот, Раде Силјан, како и бројни професори од областите на културата и историјата.

Силјан во своето обраќање рече дека овие томови се однесуваат на судбоносните настани за Македонија кои се поврзани со паролата „Слобода или смрт“.

„Во книгите е опишан историскиот развиток на Македонија. Борбата за татковината, херојските подвизи на народот, жртвите, прогонствата се само дел од случувањата за кои малку се знае и се има напишано“, рече Силјан.

Канческа-Милевска, пак, додаде дека проектот „Македонски искушенија“, претставува уникатно книжевно богатство кое овозможува преку книгите но, и преку документарните филмови кои се во прилог на книгите и кои се емитуваа на програмите на Македонската Телевизија, да се вградат нашите историски вредности во едукацијата на сите генерации.

„Овој единствен и комплексен проект е документ од кој сите ние, и во иднина ќе црпиме чувство на припадност и идентитет. Проектот „Македонски искушенија“ предвидува печатење на 25 ексклузивни публикации кои се збогатени со документарните филмови на Македонската Телевизија. Во првата половина на годината промовиравме 9 изданија, а денеска пред јавноста ги презентираме и новите пет тома кои им се посветени на личностите и историските случувања кои оставија длабоки траги во македонската историја и трајно се вградија во колективната меморија на македонскиот народ. Денеска ги промовираме историските сублимати за Гоце Делчев, Васил Чакаларов, Тодор Александров, Ристо Шишков и Балканските војни“, рече министерската.

Премиерот Груевски, додеаде дека проектот „Македонски искушенија“ е проект кој недостасуваше во колекцијата за македонската историја.

„Сите личности кои се спомнати се споманти со причина. Како на пример, Ристо Шишков е еден од најголемите актерски таленти во Македонија, кој јавно ја покажувал својата љубов кон татковината. Некои од личностите се малку истражени и поради нечие незнаење се сметаат за контраверзни личности. Со овие дела покажуваме што тие направиле за држвата и кое е нивното значење“, додаде премиерот.

Груевски на крај најави дека во август, љубителите на македонската историја ќе можат овие изданија да ги имаат во своите приватни библиотеки, поточно по симболични цени ќе се продаваат книгите заедно со компиите од документарните филмови.