Промовирани подземните контејнери во Кисела Вода

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на општината Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ и директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Ракип Дочи, денеска го промовираа системот за поставување подземни контејнери за одлагање комунален отпад на ул. Христо Татарчев, општина Кисела Вода.

Денеска почнаа градежните работи за инсталирање систем за поставување подземни контејнери за одлагање комунален отпад на територијата на општина Кисела Вода, што е дел од втората фаза на проектот за поставување Систем за подземни контејнери. Во рамките на оваа фаза ќе бидат поставени подземни контејнери на девет микро-локации, односно по три контејнери на три-микролокации во секоја од општините: Аеродром, Кисела Вода и Гази Баба. На 3 локации во општината Кисела Вода ќе се поставуваат вкупно 9 подземни контејнери, од фирмата АТРИКОТ од Република Словенија. На секоја локација ќе се постават по 2 контејнера за мешан отпад и еден за ПЕТ амбалажа. Системот кој ќе се користи за вадење и спуштање на контејнерите, oдносно за нивно празнење, е на хидрауличен погон и е еден од најсовремените во регионот. За реализација на овој значаен проект се издвоени вкупно 6,6 милиони денари, од кои секоја од трите вклучени страни издвојува по 2,2 милиони денари, односно подеднакво инвестираат Градот Скопје, општината Кисела Вода и ЈП„Комунална хигиена“. Со овој проектот за поставување подземни контејнери во првата фаза беа опфатени општините Центар и Чаир, со втората фаза уште 3 општини, но ние планираме оваа активност да се прошири и во другите скопски општини – истакна градоначалникот Трајановски.

ANE_3018

Директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Ракип Дочи ги информира присутните дека овој систем за складирање отпад е малку посовремен од претходниот, односно е сменет дизајнот на надворешните кутии и има поголема заштита на контејнерот за ПЕТ амбалажа.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ истакна дека поставувањето на подземните контејнери ќе придонесе за поголема хигиена во општината, бидејќи нема можноста за негово разнесување во околината, што е од големо значење затоа што првата локација каде што ќе се поставуваат контејнерите е спроти градинка.

ANE_3046

Подземните контејнери имаат зафатнина од 3 кубни метри, во нив отпадот се складира на пониска температура, притоа не зафаќајќи слободна површина над земјата. Празнењето на подземните контејнери е на хидрауличен погон, за што ќе се употребуваат три од постојните возила на ЈП „Комунална хигиена“, коишто се специјално надградени за оваа намена. Системот за собирање на комуналниот отпад во подземни контејнери е исклучително софистициран и успешен и веќе подолг период се применува во светски рамки, со одлични ефекти во заштитата и зачувувањето на здравјето на граѓаните и природната околина.

Рокот за поставување на подземните контејнери е околу 60 дена.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.