Промовирани реновираните дуќани за занаети во Скопската чаршија

Во Старата скопска чаршија денеска, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа-Милевска и претставници од Општина Чаир, ги предадоа во употреба реновираните четири дуќани, на улица „Пушкарска“ кај Музеј на Македонија, наменети за производи од старите традиционални занаети во изумирање.

s1

-Дуќаните се комплетно реновирани, ставен е нов под, сменета е комплетно електриката и водоводната инсталација, сменета е и столаријата, а по распишаниот конкурс, Градот Скопје сите дуќани со меморандум за соработка им ги предаде на 5-годишно користење на Македонска aртисанска трговска асоцијација, а МАТА да ги опреми,  менаџира,  сервисира  и  да ги плаќа сметките за електрична енергија, вода и други режимски трошоци и ќе нема обврска да плаќа кирија на Град Скопје. Станува збор за четири дуќани и една заедничка просторија којашто дуќанџиите ќе ја користат како продажен салон. За нас како Град Скопје овој проект е од особено значење зашто на овој начин не само што ќе се сочуваат вештините на старите занаетчии туку и ќе се збогати и туристичката понуда во нашиот град. Дуќаните ги добивме со помош на Владата на Република Македонија, Министерството за култура и Општината Чаир, а целта е единствена да се зачуваат старите занаети коишто се веќе во изумирање, истакна градоначалникот Трајановски.

s2

Министерката Канческа – Милевска му се заблагодари на градоначалникот Трајановски за реконструкцијата на дуќаните и ставањето во употреба и рече дека овој проект е еден од многуте што значат ревитализација на Старата скопска чаршија, со што ќе се овозможи и одржување во живот и на се она што значи традиција, обичај, автентичност и оригиналност препознатлива само за Скопје и за Република Македонија.

s3

 

Во дуќаните во Старата скопска чаршија ќе се пласираат производи од занаетите во изумирање, традиционални занаети. Едниот дуќан е сувенирница, вториот ткајачница, третиот грнчарница, а четвртиот јувелирница или дуќан за изработка на филигран (сребро или злато).

s4

Во дуќаните ќе се организираат и обуки и работилници за сите заинтересирани граѓани кои сакаат аматерски или професионално да се занимаваат со овие занаети, а ќе бидат организирани и разновидни наменски настани, како на пример БАЗАРИ, за оние што ќе сакаат да купат интересни оригинални рачно изработени предмети.

s5

 

s6

За комплетно средување на четирите простории од Буџетот на Град Скопје за 2013 година одвоени се 3.580.000 милиони денари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.