Пронајден автомобилот на напаѓачите во Париз

Во париското предградие Монтреј е пронајден црн автомобил марка „Сеат“, за кој се верува дека го користеле напаѓачите кои во петокот пукаа врз луѓе во клуб и ресторан, соопшти денеска француската полиција, пренесуваат светските медиуми.

Британски „Гардијан“ објави дека во автомобилот биле најдено оружје и отпечатоци од прсти, за кои се верува дека се на терористите што ги извршија нападите во Париз.

Напуштениот автомобил е пронајден во Монтреј, на шест километри од француската престолнина, и се претпоставува дека тој е поврзан со нападите на клубот „Л Карилон“ и ресторанот „Л Камбоџа“.

Парискиот јавен обвинител, Франсоа Молинс вчера изјави дека вооружени напаѓачи извадиле автоматско оружје од таков модел на автомобил, пред да отворат оган и убијат 15 лица, а повредат уште десет.

Полицијата вчера побара помош од граѓаните да се јават во полиција доколку забележат таков автомобил и издаде предупредување да не се приближуваат до него.