Пронајден дел од одземеното оружје од караулата во Гошинце

МВР потврди дека од вчерашните акции извршени во содејство со специјалните единици е пронајден дел од одземеното оружје од караулата Гошинце.

Како што инфoрмираше министеркaта за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во текот на вчерашниот ден бил извршен претрес на две локации во дом и други простории во село Брест и на една локација во Брњарци.

На едната локација во Брест во куќа на педесет и петгодишен маж, за кој МВР претходно имало сомневање дека е вклучен во нападот врз караулата, биле пронајдени две автоматски пушки, две снајперски пушки, десет пиштоли, големо количество на муниција, футрола за пиштол, радиостаница со два полначи, како и униформа со ознака на УЧК.

При претресот во куќа во село Брњарци која ја користи истото лице не биле пронајдени предмети битни за истрагата.

Од првичните анализи и сериските броеви на оружјата било утврдено дека станува збор за дел од одземеното оружје од караулата во Гошинце.

– Сите пронајдени и одземени предмети се предадени на Одделот за криминалистичка-техника за нивна натамошна обработка и вештачење заради пронаоѓање на материјални траги и докази поврзани со стореното кривично дело. По завршување на вештачењето, од страна на Министерството за внатрешни работи ќе биде поднесен соодветен поднесок до надлежно Основно Јавно обвинителство, нагласи министерката Јанкулоска.

Лицето за кое МВР се сомнева дека е вклучено во нападот не е пронајдено и потрагата по него, како и по другите лица за кои постои сомнение дека се инволвирани продолжува.