Пронајден хероин во куфер со дупло дно на Табановце

Mеѓународен канал за шверц со дрога пресече Министерството за внатрешни работи – Секторот за недозволена трговија со дрога во содејство со Царинската Управа. При претрес бил пронајден хероин во поголема количина, а од слобода се лишени две лица македонски државјани.

Хероинот бил пронајден на граничниот премин Табановце во вторникот околу 20,40 часот на излез од Република Македонија. По претхоно добиено сознание во автобус кој сообраќал на редовна автобуска линија Струга – Луцерн Швајцарија од страна на царински службеници извршен е претрес и преглед на патници и багаж  при што во дупло дно на куфер со залепена карта за багаж на рачката, во сопственост на патникот А.П.(54) од Кичево бил пронајден хероин.

Дрогата била спакувана во 4  црни најлонски  пакувања, а подоцна било утврдено дека се работи за наркотична дрога хероин.

Хероинот бил пронајден во куфер со дупло дно
Пронајден хероин во куфер со дупло дно на Табановце

Како што денеска соопшти МВР, А.П. за одреден паричен надомест од 1.500 евра бил ангажиран да го изврши транспортот до Швајцарија од страна на лицето М.Ј.(35) од Гостивар, кој бил организатор на транспорт, а исто така патувал во истиот автобус и седел во непосредна близина на лицето  транспортер.

Одземената прашкаста материја е предадена во Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР на РМ,  за понатамошно вештачење. По извршено вештачење утврдено е дека се работи за хероин со вкупна маса од еден килограм и 258 грама.

Од страна на Секторот за недозволена трговија со дрога до  Основното Јавно обвинителство-Куманово  поднесена е кривична пријава против двете лица за сторено кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”.