Пронајден руски крстосувач потопен пред 113 години

Јужнокорејските стручњаци го пронашле рускиот оклопен брод „Дмитриј Донској“, кој бил дел од руската царска флота и кој учествувал во битките во текот на руско-јапонската војна од 1904 до 1905 година, соопштија јужнокорејските медиуми.

Новинската агенција „Јонхап“ објави дека бродот го пронашла „Шинил груп“, компанија која веќе неколку години трага по рускиот крстосувач.

Компанијата соопшти дека рускиот брод е пронајден во Јапонското море, на длабочина од 434 метри, околу 1,3 километри од островот Улиндо и дека името „Дмитриј Донској“ е пронајдено на крмата на бродот. Крстосувачот потонал пред 113 години.

Експертите на компанијата „Шинил груп“ тврдат дека трупот на бродот е сериозно оштетен, но дека палубата е доста добро зачувана. Тие очекуваат дека бродот наскоро ќе биде извлечен од дното, пренесува ТАСС.

Рускиот крстосувач учествувал во битката за островот Цушима на 27 и 28 мај 1905 година кога бил значително оштетен. По изгубената битка оклопниот брод се упати кон Владивосток, но го пресретнале јапонските воени бродови. Одбивајќи да се предадат, членовите на екипажот одлучиле да го потопат бродот, што се случи на 29 мај 1905 година.