Свет

Пронајден трупот на урнатиот авион на „Ер Азија“

Пронајден трупот на урнатиот авион на „Ер Азија“

Министерот за одбрана на Сингапур рекол дека се гледа дел од крилото и трупот на авионот и дека семејствата на загинатите патници и членови на екипажот конечно ќе добијат шанса да се поздрават со нив за последен пат. Досега биле пронајдени само 48 тела.

Бродот на сингапурската морнарица го пронашол трупот на авионот на “AirAsia”, кој се урнал во море минатиот месец со 162 патници и членови на екипажот, соопштил денес министерот за одбрана на Сингапур, Нг Енг Хен.

Нг навел на својот профил на Фејсбук дека е известен дека “Swift Rescue”, еден од бродовите на сингапурската морнарица кој учествува во потрагата, “го лоцирал трупот на авионот на “AirAsia” во Јаванското море”.

Според неговите зборови, фотографиите кои ги направил бродот “покажуваат дел од крилото и трупот на авионот”.

Покрај постот на Фејсбук, сингапурскиот министер приложил и подводна фотографија од нешто што личи на труп од авион. На фотографијата се гледаат и зборовите “сега” и “секој”, кои се дел од мотото на “AirAsia”: “Сега секој може да лета”, кое било напишано на надворешниот дел од авионот.

“Ги известивме и “BASARNAS”, индонезиската агенција за потрага, која сега може да ја започне операцијата за вадење на трупот”, додал Нг.