Пронајдена една од црните кутии на урнатиот авион

Францускиот министер за внатрешни работи Бернар Казнев потврди дека е пронајдена една од црните кутии на авионот на германската компанија „Џерман Вингс“, што денеска се урна во јужниот дел на Франција, пренесува МИА.

– Црната кутија во следните неколку часа ќе биде испитана со цел да се забрза истрагата, изјави Казнев, додавајќи дека таа ќе биде проследена до Канцеларијата за истраги и анализи.

Авион Ербас А320 се урна денеска со 144 патници и шест членови на екипажот во Алпите, во јужниот дел на Франција, на 100 километри северно од Ница. Авионот летал од Барселона за Дизелдорф. Францускиот државен секретар на министерството за сообраќај Ален Видал претходно изјави дека нема преживеани.