Пронајдена нова масовна гробница во Мексико

Шеесет тела се откриени во нова масовна гробница во Мексико.

Телата што беа откриени во масовна гробница во мексиканската држава Веракруз, во која беснее насилство меѓу бандите, се жртви на трговијата со дрога, се сомневаат активисти за човекови права, пренесува МИА.

Роднини на исчезнати лица во Мексико во масовна гробница пронашле најмалку шеесет тела, соопштија денеска активисти.

– Телата се откриени во близина на градот Колинас де Санта Фе, во источната држава Веракруз, изјави портпаролката на групата Колективо Солецито.

Таа додаде дека во ексхумацијата помагаат стручњаци на федералната полиција.

Активистите се сомневаат дека станува збор за жртви на трговијата со дрога.

– Војната на наркокартелите предизвикува страшно насилство во Веракруз, рече Луциа де лос Ангелес, пренесува Хина.

Неколку ривалски нарко банди веќе со години се бората за превласт во Веракруз.

Војната против дрогата во Мексико резултираше со најнасилниот период во модерната историја на оваа земја, во која од 2006 година се убиени повеќе од 150.000 лица, се наведува во јулскиот извештај на иницијативата „Правда за отвореното опоштество“ и пет други организации за човекови права.