Пронајдени 40 тела во три гробници кај Доњецк

Александар Захарченко, премиер на самопрогласената република Доњецк изјавил дека денеска во три масовни гробници кај Доњецк биле пронајдени околу 40 безживотни тела.

– Пронаоѓаме уште гробници, точниот број на масовни гробници се уште не е познат. Во нив се цивили, заробени востаници и украински војници, рече Захарченко.

Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) соопшти дека „војната полиција“ на ДНР ја известија Специјалната мониторинг мисија дека се пронајдени три необележани гробници, два кај рудникот за јаглен „Комунар“ кај селото Нижнаја Кринка, а третата во самото село.

Членови на ОБСЕ пронашле на две локации, оддалечени 50 метри една од друга, по две безживотни тела во фаза на распаѓање.

Претставници на проруските сили сметаат дека цивилите биле убиени од припадници на Националната гарда, бидејќи припадниците на украинските сили се наоѓале во Нижнаја Кринка од април оваа година.