Пронајдени две нови наоѓалишта на злато во Македонија

Меѓународната компанија за минерални истражувања „Резервоар Минералс“ откри две нови наоѓалишта на злато во Македонија.

Компанијата во последниве години врши истражувања и на територијата на Република Македонија, а на својата веб страна, како и во повеќе водечки светски економски портали, ги соопшти резултатите од истражувањата за наоѓалиштата на злато во локалитетот Коњско и истражувањата за наоѓалиштата на бакарно-златна руда во Двориште на својата веб страна.

– Откривањето на значителни количества на златна руда во Коњско, Македонија, е охрабрувачки резултат за нашите тековни активности во регионот. Компанијата има задоволство да работи во Македонија, каде воспоставиме значајно присуство во истражувањето и во рударските заедници и добивме поддршка од Владата и нејзините агенции. Се надеваме дека ќе го повториме успехот и во следниот локалитет Двориште, каде ќе ги вложиме сите наши вештини во истражувањето на бакарно-златната руда, изјавил Симон Инграм, претседател и извршен директор на „Резервоар Минералс“.

На веб страната на компанијата се вели дека Македонија има долга рударска традиција, која продолжува и денеска со повеќе активни рудници, меѓу кои рудниците за оловно-цинкова руда Саса, Злетово и Тораница и рудникот за бакар и злато Бучим, како и новите проекти што допрва се развиваат Иловица, Казандол и Кадиица.

– Рударската дејност, според Македонската влада, значајно придонесува на износот на БДП и е поддржана од сите релевантни министерства; странските директни инвестиции се главната определба во стратегиите на македонската влада. Рударскиот сектор е регулиран со модерен закон за рударство, кој за последен пат е ревидиран во 2014-та година, пишува на веб страната на компанијата.

zlato_konsjkooo

Концесија за истражување во наоѓалиштето Коњско

Оваа област опфаќа околу 29, 97 квадратни километри, а концесијата за истражување во оваа област трае до 4-ти јули 2017-та година. Наоѓалиштето се наоѓа на планината Кожув, јужна Македонија.

Се претпоставува дека во наоѓалиштето „Главен коп“ има околу 2 грама/тон руда, а дека има непрекинат површински коп од 19 метри.

Овој планински регион е познато дека содржи епитермални руди на злато, талиум и антимон. Таму се наоѓа и малку познатиот рудник Алшар кој бил експлоатиран во периодот од 1880 до 1908. Според претходните истражувања на канадските истражувачи Персивал и Радтке (Canadian Mineralogist, Vol. 32, 1994) рудата во Алшар е слична со рудата во рудникот за злато Карлин стајл во Невада, САД. Наоѓалиштето на златна руда, арсен и антимон Коњско се наоѓа на 20 километри оддалеченост од рудникот Алшар и досега не било истражувано, а не постојат докази за претходни бушотини. Срушените окна укажуваат на тоа дека наоѓалиштето било експлоатирано во античкиот период.

Компанијата во периодот од 2013 и 2014 та година направи мапирање на наоѓалиштето и вршеше гео-хемиски испитувања на составот на почвата и карпите. Утврдено е дека постои наоѓалиште на златна руда во карпа во структуралниот коридор долг2, 5 километри, како и златна руда, арсен и антимон во карпата и почвата. Во рамки на овој коридор, кој се карактеризира со силна структурна деформација има мешавина од златна руда во северозапдниот дел, арсен, антимон и талиум во југоисточниот дел.

Според компанијата, покрај наоѓалиштето „главен коп“ досега се најдени уште пет други наоѓалишта во истиот локалитет.

Компанијата планира во текот на оваа година да иврши испитувања уште во неколку други наоѓалишта во локалитетот, како и да ги заврши гео-физичките испитувања (магнетометрија и индуцирана поларизација) во областа.

konjsko_dvorishte_2

Концесија за локалитетот Двориште

Истражувањата во локалитетот Двориште започнаа на 26-ти јануари годинава и ќе траат цели 4 години.

Ова наоѓалиште се простира на површина од 24,53 квадратни километри и е сместено во источна Македонија, на оддалеченост од 15 километри североисточно од рудникот за бакар и злато на Еуромакс Рисорсис Иловица. Според првичните податоци, се претпоставува дека ова наоѓалиште располага со бакарно-златна руда.

Во Иловица се пронајдени 70 тони злато

Геолошкиот завод на Република Македонија ја заврши ревизијата на елаборатот од извршените геолошки истражувања за проектот за изградба на рудник за бакар и злато кај Иловица и Штука во општина Босилово.

Според геолошките истражувања, во наоѓалиштето за бакар и злато Иловица, утврдени се 237 милиони тони ресурси и резерви од 225 милиони тони руда во кои, според проценките, има околу 70 тони злато и 410 илјади тони бакар. Од овие количини, истражувањата потврдуваат искористувања од 86,5 отсто за златото и 84 отсто за бакарот. Површинскиот коп кај Иловица и Штука се предвидува да има експлоатација од 10 милиони тони руда годишно. Просечното годишно производство е проектирано на 95 илјади унци злато и 16 илјади тони бакар. Според количините на руда што ги поседува, рудникот се предвидува да работи околу 23 години.

Согласно плановите, рудникот за бакар и злато кај Иловица и Штука треба да стартува со работа во 2017 година. Вкупната инвестиција за развој и изградба на рудникот ќе изнесува околу 500 милиони американски долари, а предвидено е да се вработат околу 400 лица.

Рударството, битен сегмент на македонската економија

Инаку, македонското рударството учествува со 12% во индустриското производство. Последните десетина години активно се развива, а од 2005-та многу рударски комлекси се обновени и работат успешно. Отворени се и мноу рударски претпријатија. Денес во секторот работат преку 300 фирми од кои околу 160 се директно во рударството. Изминатите 4-5 години се доделени над 400 нови концесии за детални геолошки истражувања, кои треба да овозможат отворање нови претпријатија.

Според последните статистички податоци во 140 рудни објекти низ државата егзистенцијата ја обезбедуваат 8.000 луѓе. Само во последните шест години вработени се нови 3.872 работници во рударско праработувачката дејност, што се должи пред се’ на работата на постоечките рудници во Македонија и рестартирање на затворените рудници.

Фото: reservoirminerals.com