Пронајдени остатоци од урнатиот египетски авион

Остатоци од авионот на компанијата „Иџипт Ер“, кој се урна вчера во источниот дел на Медитеранот вчера се пронајдени во водите на Средоземното море, на 290 километри северно од Александрија.

Во соопштението на Морнарицата се наведува дека досега се пронајдени лични предмети на патници од авионот и се додава дека продолжува потрагата по црните кутии на леталото од типот „Ербас А320“.

Во потргата по остатоците на авионот, кој се урна за време на летот од Париз до Каиро, учествуваат египетски, француски и грчки бродови и летала.

Во Каиро синоќа допатуваа тројца претставници на Службата за истражување и анализи на безбедноста при француската Агенција за цивилно воздухопловство, како и технички експерти на авиопоризводителот „Ербас“.

ТАСС јави дека во Каиро пристигнале и роднини на 15-те француски државјани, кои се наоѓаа меѓу 66 патници и членови на екипажот во египетскиот авион.

Францускиот министер за надворешни работи Жан Марк Еро изутринава изјави дека нема апсолутно никакви индикации за причините за вчерашната несреќа на египетскиот авион.

Египетските власти соопштија оти постои можност причина за падот на авионот да е терористички напад.

– Се разгледуваат сите хипотези, но ниту една не преовладува, бидејќи немаме апсолутно никакви индикации за причините, рече Еро за телевизијата Франс-2.

Еро за утре свика средба со семејствата на патниците и претставници на државата со цел да се „добијат целосни и транспарентни информации“.

Американски експерти од своја страна соопштија дека сателитските снимки не укажуваат дека имало експлозија во авионот на „Иџипт Ер“, со што ја отфрилја претпоставката дека во леталото експлодирала бомба.

Анонимен експерт на американските разузнавачки служби сепак нагалси дека тоа е првичен заклучок и дека се уште не е исклучена ниту една можност за причините за падот на авионот – дефект, тероризам или човечка грешка.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.