Пронајдени уште 50 тела по земјотресот во Непал

Полицијата во Непал пронајде тела на околу 50 лица, меѓу кои и странски алпинисти, во зоната која беше погодена од лавини по катастрофалниот земјотрес, соопштија денеска властите во Катманду.

– Ниту едно од телата засега не е идентификувано, изјави заменик началникот на полицијата во округот Расува, Правин Покхарел, кој ја предводи екипата.

Тој објасни дека телата се извадени вчера, една недела по земјотресот, и дека не можело да се стигне до зоната поради дождот и лошите временски услови.

Најмалку уште 200 лица се водат како исчезнати во овој реон, вклучувајќи планинари и локални жители, а официјално над 80 странци се наоѓаат меѓу нив.

– Имаме информации дека 82 странски државјани од различни земји се водат како исчезнати, изјави портпарол на непалското МВР.

Се очекува денеска во Непал да пристигнат американски воени авиони и персонал, со цел да помогнат при доставување на помош до загрозените реони надвор од главниот град Катманду. Бригадниот генерал Пол Кенеди истакна дека контингентот вклучува 100 војници, транспортна техника, четири авиони и два хеликоптера.