Пронајдено шише со порака стара 132 години

Една од најстарите пораки во шише во светот, напишана на германски јазик, е пронајдена закопана во песок на плажа во западниот дел на Австралија, 132 години откако била фрлена во Индискиот Океан. Шишето го пронашла Тони Илман на 21 јануари годинава на песочните дини на островот Клин, 180 километри северно од Перт.

– Изгледаше како убаво шише, па го земав мислејќи дека ќе изгледа добро на мојата полица за книги. Девојката на мојот син ја откри пораката кога се обидуваше да го исчисти песокот од шишето. Пораката беше влажна и обвиткана со јаже. Кога ја исушивме хартијата видовме дека е напишана на германски, со многу блед ракопис. Датумот на пораката беше 12 јуни 1886 година- изјави Илман.

Авторот на задната страна од пораката напишал, односно побарал од пронаоѓачот на шишето пораката да биде вратена на Германската опсерваторија во Хамбург или до најблискиот германски конзулат.

Шишето било фрлено од германски брод „Пола“ во рамките на експериментот на германската морнарица, чија цел била подобро да се разберат океанските струи и откривање на побрзи и поефикасни поморски трговски патишта.