„Пронајди го херојот во себе” – Светски ден на првата помош

Црвениот крст на град Скопје во соработка со МВР и СВР Скопје, денеска на четири локации во Скопје ќе се вклучи во глобалната кампања и одбележување на Светскиот ден на Првата помош под мотото „Пронајди го херојот во себе” и со неколку активности ќе се обиде ја подигне свесноста на граѓаните за важноста на Првата помош.

Екипи од Црвениот крст на град Скопје од 11 до 13 часот на случајни возачи кои ќе бидат стопирани од полиција, ќе им поставуваат прашања од областа на Првата помош. Доколку возачите го знаат поставеното барање ќе добијат дополнителен медицински материјал за во возило.

Пунктовите ќе бидат лоцирани кај Порта Македонија, ТЦ Бисер, влезот кај Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ и Манапо-спроти Сити Мол.

Активноста ќе биде реализирана во соработка со СВР Скопје, екипите на Првата помош и средните училишта на територија на градот Скопје, како и членови на Тимот за одговор при катастрофи при Црвен крст на град Скопје.